Култура
Пејовски и Димески по проекцијата на „Мими“ на „Браќа Манаки“: Со филмот му дадовме нова димензија на Скопје
Филмот „Мими“ во режија на Даријан Пејовски, кинематографер Дејан Димески беше прикажан на годинешното издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
-Фестивалот „Браќа Манаки“ ми е многу драг, доаѓам од 1992 година уште како студент на овој фестивал, и годинава ми е јубилеј-30 години присуство. Фестивалот многу придонесе во мојот развој преку гледање на филмови, комуникација со постарите колеги и секогаш има врвно место во мојата биографија. Ова е моја прва соработка со Даријан Пејовски со кој буквално го изодевме цел филм. Работевме во време на ковид пандемијата и бевме ограничени во движењето, но одлучивме да му дадеме нова димензија на Скопје, ги гледавме локациите, фотографиравме секоја вечер, работејќи речиси четири месеци успеавме во таа намера, рече Димески на денешната прес конференција.
Скопје изгледа многу поубаво во филмот отколку што вистински е.
-Ова не е филм кој би требало секому да му се допадне бидејќи обработува теми кои се сензитивни. Од една страна имаме елегантно кадрирање и долги кадри, а од друга страна има прилично грубо светло. Не ги осветлувавме посебно актерите, што во суштина многу ни помогна, особено во тесните простори каде што снимавме, бидејќи тие добија повеќе простор. Внимателно одбравме локации и се добива впечаток дека Скопје е поголем град отколку што е реално, истакна Пејовски.
Екипата не е голема, а главните сцени се во два стана и секогаш имало комуникација со актерите.
-Сцената со капењето е мошне специфична во три квадрати сме јас, актерката и тонецот. Кога го гледаш кадарот веднаш знаеш дали е добро или не, и што ќе каже режисерот, затоа што си тука во самата сцена, си помагаме меѓусебно со актерот. Со пошироки кадри влегувавме за и самиот актер да ја почувствува енергијата на камерата зошто едно е ако снимаме крупен план на 15 метри, а друго е кога снимаме на 35 сантиметри. Така актерот добива дополнителна енергија. Со сите актерки имавме одлична комуникација, сме соработувале и претходно и сакаат да влегуваат во ликот, и да создаваат, вели Димески.
Подводните сцени со бебето се снимале во базен во Куманово со подводен снимател од Словенија и сето тоа е реално. Бебето долго време било тренирано од Наташа Мешковска за да може да се адаптира да нурка под вода, а на снимањето присуствувале и тројца спасувачи, лекар и тројца нуркачи и подводниот директор на фотографија од Словенија кој кога ја видел сцената рекол дека досега не работел такво нешто. Исто така и актерката тренирала долго време за да може да плива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

