Култура
Пијано дуетот „АнАнтонио“ и театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ – вечерва на Охридско лето
Музичката програма на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, ќе донесе концерт на словенечкото пијано дуо „АнАнтонио“.
Пијано дуетот „АнАнтонио“ го сочинуваат пијанистите Ана Јосимовска-Кањацо и Антонио Кањацо. Двајцата признати музичари со македонско и италијанско потекло живеат и творат во Љубљана, Словенија.
Како солисти и камерни музичари се добитници на многу награди од меѓународни натпревари и настапувале со Националаната филхармонија на РС Македонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на музичката академија од Пескара, Младинскиот оркестар од Мартиненго, оркестарот на меѓународниот фестивал во Чиогија, на фестивалот Охридско лето…

Во 2014 година дуетот го издаде својот прв компакт-диск со наслов „Тарантела“, на кој се поместени солистички и камерни дела.
Драмската програма на годинешното 62. издание на фестивалот Охридско лето ќе биде отворена со премиера на театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Народниот театар Охрид.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ вечерва со почеток во 21 часот.
Улогите ги играат актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ-Вељаноска и Марија Новак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

