Култура
„Подиум на млади“ како предвесник на 59. „Охридско лето“
Како предвесник на фестивалот „Охридско лето“ од 9 до 11 јули во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Подиумот на млади, чиј идеен творец и организатор е Музичката младина на Македонија.
Овој проект се враќа на фестивалската сцена по 22-годишна пауза, а публиката ќе има можност да ги проследи настапите на неколкумина млади домашни музичари.
Подиумот ќе биде отворен денеска со почеток во 20 часот кога во црквата „Света Софија“ ќе настапат кларинетистот Рикардо Хуна во пијано придружба на Билјана Петровска, како и пијанистката Инес Неделковска.
Рикардо Хуна (2002, Скопје) е ученик во втора година во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј“ , во класата на проф. м-р Б. Трајковски. Со свирење кларинет почнува од 2012-2013 година. Во текот на последните години Хуна со своето музицирање достојно се претставува себеси и ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, не само во државата туку и надвор од неа. За сите негови достигнувања говорат многубројните концерти, рецитали, како и учеството на многу државни и меѓународни натпревари. Носител е на највисоките награди и признанија, како на државно, така и на меѓународно ниво.
Инес Неделковска (2003,Скопје) почнува да учи пијано на нејзина шестгодишна возраст во класата на вон. проф. д-р Нина Костова. Носител е на шест први награди на државните натпревари по музика, но и многубројни награди на меѓународни натпревари во Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Македонија итн. Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се: „Карнеги хол“ и „Кауфман центарот“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ во Лондон, театарот „Росини“ во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други. Исто така, има реализирано и значајни концертни активности. Настапува на фестивалите „Москва ги пресретнува пријателите“, во рамки на музичкиот циклус „Млади виртуози“ има рецитал на реномираниот Љубљански фестивал, одржува солистички концерт во малата сала на Македонската филхармонија, а годинава реализира рецитал во Италија во рамките на PianoFormia во театарот Remigio Paone. Исто така, настапува како солист со Македонската филхармонија, со АГБУ камерниот оркестар од Софија, камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“; Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск на Транс-сибирскиот уметнички фестивал, организиран од познатиот руски виолинист Вадим Репин.
Во рамките на концертниот подиум, на 10 јули ќе настапат флејтистката Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева, како и младиот пијанист Арда Мустафаоглу. Проектот „Подиум на млади“ ќе биде заокружен на 11 јули со концерт на виолинистката Наоми Георгиевска, која ќе биде придружувана на пијано од Доминика Робе, како и со настап на сопранистката Мила Јаневска, која ќе ја изведува својата програма во пијано соработка со Билјана Петровска.
Инаку, честа свечено да го отвори годинешното 59. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид, ја има мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Култура
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
На премиерата присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која оцени дека филмот е моќна приказна за семејството, односот меѓу човекот и природата и борбата за достоинствен живот, додавајќи дека делото добива особена тежина пред домашната публика.
„Честитки за Тамара Котевска и целата филмска екипа за достоинствената промоција на високите македонски филмски вредности. Добивме вредно филмско остварување, коешто верувам дека ќе биде инспирација за идни успеси!“, порача Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека филмот уште еднаш потврдува оти македонската кинематографија има глас што одекнува надвор од државните граници, опишувајќи го остварувањето како „светско, а наше“.
„Вечерва имав чест да присуствувам на филмот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска дело кое уште еднаш потврдува дека македонската кинематографија има глас што одекнува далеку надвор од нашите граници, светско, а наше! Филм што допира од Скопје до Њујорк, од Скопје до Лондон. Искрени честитки за брилијантното остварување и надеж дека ова е само еден од многуте идни успеси со кои ќе се гордееме“, порача Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков нагласи дека филмот претставува тивко, но длабоко емотивно филмско патување и потсети дека својата светска фестивалска авантура ја започнал во Венеција, каде освоил престижна награда, по што бил прикажуван на фестивали ширум светот и откупен од „Нешнал географик“.
„Приказната за Силјан“ е филм за издржливоста, грижата и малите дела што менуваат животи. Во фокусот е земјоделецот Никола, кој пронаоѓа ранет бел штрк и решава да му помогне, а нивниот однос прераснува во врска што му ја враќа смислата на животот, ги обновува заедничките врски и го оживува односот кон природата.
Филмот беше македонски кандидат во трката за Оскарите.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ со почесна награда за визуелна имагинација во Кина
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ доби меѓународно признание во Кина, каде што беше одликуван со Почесна награда за Визуелна Имагинација во главната натпреварувачка селекција на Blue Planet Sci-Fi Film Festival.
Наградата ја доделува Организацискиот комитет на фестивалот и претставува признание за исклучителниот визуелен концепт и иновативниот пристап во градењето на изгледот на филмот. Blue Planet Sci-Fi Film Festival е меѓународен фестивал специјализиран за научна фантастика, со фокус на нови визуелни јазици, авторски израз и технолошки иновации во филмот и анимацијата.
Посебен придонес во визуелниот идентитет на филмот има арт директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, еден од најпрепознатливите македонски илустратори. Тхе Мичо е познат по својот уникатен стил кој често комбинира хумор и карикатурална динамика на ликовите, а неговите дела се изложувани и присутни во бројни меѓународни проекти и фестивали.
Режисерот и сценарист на филмот, Гоце Цветановски, изјави дека визуелниот пристап бил клучен уште од најраната фаза на развојот на проектот:
„Во овој филм свесно експериментиравме со различни анимациски техники. Нашата цел беше да ги приближиме 2D и 3D технологијата и да создадеме свет во кој коегзистираат повеќе визуелни естетики. Користењето на различни стилови беше планирано уште при самото пишување на сценариото, како дел од карактеризацијата на световите и ликовите.“
Ова е седма меѓународна награда за „Јон Вардар против Галаксијата“, кој досега беше прикажан на преку 40 фестивали.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

