Култура
Поради големиот интерес, закажана е уште една претстава на комедијата ,,Кој е тука идиот”

Театарската хит-претстава ,,Кој е тука идиот” ќе биде одиграна на 1 ноември, во Дом на АРМ во Скопје, со почеток во 20 часот. Билетите за претставата се речиси распродадени и поради големиот интерес закажана е уште една претстава, која ќе се одигра на 2 ноември, со почеток во 20 часот.
Главните улоги во претставата што ги освои симпатиите на љубителите на квалитетна комедија на Балканот и пошироко ја имаат познатиот актер и водител Милан Калиниќ и неговиот колега Срџан Ивановиќ.
Претставата раскажува едноставна приказна за една современа тема, која во 1903 година ја напишала руската писателка Муза Павлова. Во тој период во Русија, пред да стапат во брак брачните парови било потребно да добијат низа различни потврди, меѓу кои и потврдата од психијатар.
Претставата почнува кога идниот младоженец, кој го игра Милан Калиниќ, по бурната ергенска забава заминува кај психијатарот, кој го глуми Срџан Ивановиќ, за да ја добие потребната потврда.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од 10.10.2018 (среда) и истите може да се набават преку продажната мрежа на www.kupikartizase.com, „Пола Југотон” и „Цвеќарница Розе” – Веро 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на нов хумористичен роман од Кацаров во „Матица македонска“

Во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, утре, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“, со почеток во 12 часот ќе се одржи промоција на новиот хумористичен роман на Трајче Кацаров „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.
Роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.
Новото дело на Кацаров, всушност е роман за киното. За киното како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стерсови и реакции најчесто изрзени низ извици: „Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“ Но, и антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во „Романот за Чарли Офтика – Туркачот’ на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот, докторот по правни науки Алексеј Миро. Роман што ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите.
„Поради големата застапеност на хумор во него, романот е забранет за оние што не знаат да се смеат, но и за оние што се смеаат до зајдување. Ако го набавите денес, смеењето ќе ви почне од вчера!“ – стои во најавата на промоцијата, на која читателите ќе можат и да поразговараат со Кацаров.
Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.
Култура
Објавени наградите за меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје денес ги соопшти наградите и признанијата за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”.
Фестивалот е традиционален и годинава ќе се одржи на 15 мај, со почеток во 12 часот, во Културниот центар „Феникс” во Скопје.
Како и минатата година, и годинава ќе бидат доделени вкупно седум награди и признанија и тоа: „Балкански книжевни видици” на писателот Селимир Радуловиќ (Нови Сад) – за меѓународни книжевни вредности и релации; „Отворен круг” на писателот Стефан Марковски – за иновации и експерименти во книжевноста; „Премостувања” на писателот Шаип Емерлаху – за презентација и афирмација на македонското литературно творештво на Фестивалот „Денови на Наим Фрашери” во Тетово; „Хаикин“ на писателката Елена Пренџова – за посебен придонес во Хаику поезијата; „Литературни координати” на писателката Роза Бојанова (Бугарија) – за соработка и доближување на литературите; „Македонски корени” на писателот Ивица Челиковиќ (Шведска) – за неговото литературно и преведувачко творештво и „Големиот Принц” на писателот Мито Спасевски – за придонесот на планот на литературата за деца и млади.