Култура
Последни подготовки за отворањето на јубилејното 15. издание на „Македокс“
Во објектот Куршумли ан во Старата скопска чаршија во тек се последните подготовки за отворањето на јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Фестивалот ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори на Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.
Филмската програма на отворањето на фестивалот на 15 август, од 20.30 часот, содржи проекција на два документарни филма. Краткиот документарен филм „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат го следи континуитетот во комуникацијата помеѓу татко и ќерка. Режисерот Џеј Розенблат седумнаесет години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, прашувајќи ја истите прашања. Во само 29 минути гледаме како едно девојче расте од заодуваче во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди помеѓу, додека врската со татко ѝ се развива со сите свои сложености.
![]()
Во рамки на главната фестивалска програма на 15 август ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По завршувањето на Иранската револуција, настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна – приказната за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран.
По филмските проекции, во рамките на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ на 15 август во Куршумли ан концерт ќе одржи Зарина Првасевда, вокален изведувач и музичар кој изведува и македонска и светска традиционална музика. Таа се стреми да ја смести традиционалната музика во поинаква, единствена и алтернативна форма, имајќи предвид дека самата музика ја задржува својата автентичност; сето тоа со помош на вокални техники кои кореспондираат со традицијата. Првата вечер на 15. „Македокс“ ќе заврши со диџеј-сет на Ишјан твин.

Јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи со мото „Копање емоции низ времето“. Тематскиот фокус годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија. Програмата ќе биде отворена на 16 август, во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.
– Бројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочува Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.

Во рамките на тематската одредница на фестивалот во сегментот „Македокс+“ ќе се одржи Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми.
Работилницата ќе спои четири внимателно избрани режисер(к)и или тимови (режисер(к)и и монтажер(к)и). Во фокус е идентификувањето различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архивите, со што се проширува креативниот опсег при снимањето филм. Преку ова интензивно заедничко искуство учесниците ќе имаат можност да се приближат до суштината на секој филмски проект, дискутирајќи за различните потенцијални пристапи за секој филм во кој се користат архивски материјали.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

