Култура
Почна неделата на италијанскиот филм во Кинотека
Со проекција на „Леб и чоколадо“ (Pane e cioccolata / Bread and Chocolate) на Франко Брусати, вчера на сцената на летното кино „Мирно лето“ започна Неделата на италијанскиот филм.
Настанот чијашто годишна тематика е емиграцијата по 21. пат се одржува во светот, а во Македонија со проекција на тематски избрани филмови во Скопје и Битола.
На присутните во полниот аудиториум на летното кино на Кинотеката им се обрати професорот Марко Пешетели, селекторот на програмата на годинешната Недела на италијанскиот филм. Заблагодарувајќи им се на домаќините на манифестацијата, директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, и вработените за соработката и поддршката, Пешетели го претстави тематскиот избор на филмовите со разни гледишта на емиграцијата.
„Повеќето од нив се комедии како вечерашниот филм со Нино Манфреди, многу познат актер, чија стогодишнина од раѓањето го одбележавме годинава“, посочи меѓу другото професорот Пешетели.
Амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, поздравувајќи ги присутните на македонски јазик, говореше за идејата која ја одржува манифестацијата во светот и кај нас.
Говорејќи за феноменот на миграцијата, кој им е добро познат на Италијанците, но и на Македонците, амбасадорот Силвестри посочи дека денес надвор од Италија живејат околу 60 милиони луѓе со италијански корени.
Амбасадорот ја соопшти и специјалната објава на отворањето на Неделата на италијанскиот филм: одликувањето на директорот на Кинотеката Владимир Ангелов со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија (Cavaliere Dell’Ordine della Stella di Italia / Knight of the Order of the Star of Italy). Одликувањето го доделува италијанскиот претседател Серџо Матарела (Sergio Mattarella), по препорака на министерот за надворешни работи на Италија, за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија.
„Микеланџело Антониони рекол дека филм што може да се објасни со зборови не е вистински филм. Јас овој филм што ми се случува навистина не можам да го објаснам и затоа ќе се заблагодарам на сите што ме поддржувале, а некои од нив и се жртвувале во мојата 26-годишна кариера во Кинотеката. Ќе се заблагодарам на моето семејство, сопругата и децата, родителите, кои секако се жртвуваа… моето пошироко семејство, пријателите, колегите… секако, благодарност до италијанската амбасада, особено Одделението за култура со кои одамна соработуваме на врвно стручно и професионално ниво. Секако на Италија која како држава постојано ми ги држи отворени очите, а љубопитноста за филмската уметност непроменлива, и тоа преку двата фестивала што често ги посетувам – оној во Болоња на новореставрирани филмови и фестивалот на неми филмови во Порденоне“, рече Ангелов.
До крајот на програмата ќе имаме можност да го видиме и ДА ВИ СЕ ПРЕТСТАВАМ? РОКО ПАПАЛЕО (Permette? Rocco Papaleo / My name is Rocco Papaleo, 1971) на Еторе Скола (Ettore Scola), со Марчело Мастројани (Marcello Mastroianni) во насловната улога; реалистичната драма САКО И ВАНЦЕТИ (Sacco e Vanzetti) на Џулијано Монталдо (Giuliano Montaldo); наградуваниот НОВИОТ СВЕТ (Nuovomondo / Golden Door, 2006) на Емануеле Криалезе (Emanuele Crialese; социјалната комедија УБАВ, ЧЕСЕН ЕМИГРАНТ ВО АВСТРАЛИЈА БИ СЕ ОЖЕНИЛ СО ЧЕСНА СОГРАЃАНКА (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata / A Girl in Australia, 1971) на Луиџи Ѕампа (Luigi Zampa), со Алберто Сорди, Клаудија Кардинале и Рикардо Гароне (Alberto Sordi, Claudia Cardinale, Riccardo Garrone) во главните улоги; современата комедија ТРОБОЈКАТА ОДИ НА ГЛАСАЊЕ (Bianco, rosso e Verdone) на Карло Вердоне (Carlo Verdone); како и еден од најгледаните филмови во Италија последнава деценија, ДОБРЕДОЈДОВТЕ НА ЈУГ (Benvenuti al sud / Welcome to the South) на Лука Минеиро (Luca Miniero), кој се занимава со тн. „внатрешна емиграција“, односно вечниот судир меѓу италијанскиот Север и Југ.
Насловите на филмовите што се вечерта на програмата во 20:00 ч ќе бидат репризирани следниот ден во 18:00 ч.
Во овој период на променлива временска состојба, Кинотеката го задржува правото да ја промени локацијата на било која од филмските проекции, со цел истите да бидат одржани, а не одложени до некоја метеоролошки поповолна прилика.
Во случај на дожд, некои од проекциите наместо во дворот и летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, ќе се одржат на затворено, во киносалата на Кинотеката.
Билетарницата ќе биде отворена секој ден од 19 часот и проекциите се бесплатни и започнуваат во 20:00 часот.
Проекциите се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Стрип-маратон од 24 часа: регионот повторно црта без пауза, годинава во живо и од Скопје
Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот.
Томе Трајков, стрип промотер од Велес известува дека тоа може да оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/ кадешто може да се најдат и повеќе информации . Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа ( до 30 ноември во 12 ч). Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од ова година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот нешто што веќе е пракса стрип цртачите од повеќе градови на Македонија.
Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври –завршува Трајков.
Култура
Сиљановска-Давкова: Творештвото на Чемерски заслужува темелно да се истражи, документира и претстави
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими сопругата и ќерката на уметникот Глигор Чемерски, придружени од кураторот д-р Кирил Пенушлиски.
Членовите на неговото семејство изразија загриженост за состојбата во којашто се наоѓаат делата на великанот Чемерски и ја потенцираа потребата од нивна реставрација и презервација, по примерот на успешно обновениот Споменик на слободата во Кочани.
Претседателката сподели искрена желба да придонесе во заштитата на делата на Чемерски, укажувајќи дека некои од нив ја красат свечената сала и претседателскиот кабинет.
Таа го поддржува проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, којшто цели темелно да го истражи, документира и претстави неговото творештво, со фокус на мозаиците, фреските и големите композиции што го обликуваат македонскиот визуелен идентитет.
Култура
Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември
Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември во Синеплекс. Сценариото и режија се на Јани Бојаџи, продуцент: Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи.
-„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носта најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, вели Јани Бојаџи.
Според него филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.
Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.
-Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, вели Бојаџи.
По премиерата, од 20 ноември, ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

