Култура
Почна снимањето на филмот „Зад стоговите сено” во копродукција меѓу Грција, Македонија и Германија

На локации во Грција почна снимањето на филмот „Зад стоговите сено”, во режија на младата Асимина Проедроу од Грција.
Филмот е копродукцијаомеѓу Грција, Македонија и Германија. Овој филмски проект е поддржан од Грчкиот филмски центар, Агенцијата за филм на Северна Македонија, а финансиска поддршка доби и од Еуримаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела).
„Оваа соработка е од суштинска важност, поради испреплетувањето на ресурсите помеѓу двете земји во доменот на филмската продукција. За првпат имаме проект кој се снима во двете земји. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење“, истакна Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.
Снимањето на филмот почна во Грција на 13 јануари 2021, а според моменталниот оперативен план треба да продолжи во РС Македонија во периодот помеѓу 22 и 28 февруари 2021, на локации во Дојран и Гевгелија.
Македонскиот продуцент на овој комплексен филмски проект е „Сектор филм“, кој веќе почна со работа на подготовките, поточно во моментов се дефинираат точните локации и кастингот. Главен продуцент на филмот е продуцентската куќа Argonauts Production, а копродуценти покрај „Сектор филм“, продуцентска куќа од Скопје, се и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија.
Дејствието на филмот се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Распишан конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ годинава по осми пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик.
Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Поезијата може да се испраќа до 10 мај 2025 година.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
Специјалната награда „Антево слово “ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, поет и претствник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“.
Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели летово, 2025 година во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.
Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
Култура
Драмскиот театар не ја додели наградата „Горан Стефановски“

Драмскиот театар Скопје не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години.
По воспоставувањето на наградата „Горан Стефановски“, годинава првпат беше распишан конкурсот за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст.
На конкурсот пристигнаа четири апликации и комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализата на доставените дела, едногласно одлучи наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години да не се додели.
Во образложението што го прочита претседателката на комисијата, Викторија Рангелова-Петровска, се вели: „На конкурсот за наградата ‘Горан Стефановски’ за најдобар драмски текст од млад автор распишан на 5 февруари 2025 година доставени се четири драмски текста од четири автори. Комисијата аналитично и детаљно ги разгледа драмските дела, кои се доставени во рок и ги исполнуваат условите во согласност со објавениот конкурс. Авторите на доставените драмски текстови обработуваат разни теми, инспирирани од разни општествени состојби. По формата и структурата драмските текстови во најголем дел се обидуваат да ги следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успеваат до крај да изградат цврста драмска целовитост. Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег, напротив. Комисијата верува во потенцијалот и во квалитетот на младите автори, како и во нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови и со нетрпение ги очекува во периодот што следува и во таа насока предлага да се објави нов конкурс со датум од 28.4.2025 година, на кој авторите ќе треба да ги достават драмските текстови најдоцна до 1. 2.2026 година. Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 27.4.2026 година, денот на раѓањето на Горан Стефановски“.
Директорот на Театарот, Роберт Вељановски, истакна дека и покрај недоделувањето на наградата во оваа прва година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази верба дека преку распишувањето на конкурсот и во годините пред нас ќе се популаризира наградата „Горан Стефановски“ и ќе се привлечат многу млади автори да се пријавуваат со цел да се афирмира современата македонска драма, да се поттикне македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.
Култура
Свечено отворена концертната сала Ванчо Чавдарски во Владимирово

Вчера во Владимирово се славеше културата и почитта кон корените, но и оставината за идните генерации.
Старата сала на Задружниот дом во срцето на Владимирово, во само 70 дена, беше возобновена со здружени сили на селаните и сите што потекнуваат од Владимирово. Во чест диригентот со светска слава којшто Македонија ја славеше низ светот, а потекнува од Владимирово – маестро Чавдарски (1930 Владимирово – 2011 Бризбејн, Австралија) салата го доби името Ванчо Чавдарски.
За нејзиното свечено отворање беше организиран концерт на камерниот оркестар Скопски солисти, под водство на виртуозот на обоа проф. Васил Атанасов, со специјален гостин баритонот Борис Трајанов, што за првпат се случува во Малешевијата. Пред бројната публиката беа изведени дела од европски и македонски композитори, под диригентската палка на Ангел Спировски.
За делото на Чавдарски говореше проф. Васил Атанасов кој си спомена за долгогодишното пријателствување со Чавдарски, меѓу што и последната средба во Сеул, Кореа, ког маестро Чавдарски пропатувал 1000 километри од Австралија до Сеул само за да присуствува на неговиот концерт. Атанасов говореше и за богатиот животопис на Чавдарски и неговите заслуги за воздигнување на македонската култура и музичката уметност, а за неговото значење за историјата и иднината на Владомирово и неговото возобновување зборуваа и Горан Алачки во име на истоимениот центар за култура кој се јави како организатор на концертот, и Камелија Левенска во име на Фондација д-р Михаил Левенска.
На настанот присуствуваа и видни личности, коишто понесоа длабок впечаток за приказната – за генезата на настанот, за почитта, гордоста и љубовта, коишто заедно со емоциите од доживеано и виденото доведоа до овации и долги аплаузи… Се вели дека аплаузите по концертите на Чавдарски во концертните сали ширум светот траеле и до 10 минути.