Култура
Почнува Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“
Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“, почнува вечерва и ќе трае до 13 октомври. Во кино „Милениум“ со проекција на „Господ постои се вика Петрунија“ во 18 часот неофицијално почнува годинашната програма, додека официјалниот дел е закажан за 20 часот со свеченост на која ќе биде доделено признанието за посебен придонес во светската филмска уметност, чиј лауреат годинава е актерката Тања Бошковиќ и проекција на филмот „Таткото“ на бугарските автори Кристина Грозева и Петар Валчанов.
Претседател на жирито што ќе одлучува за годинешните фестивалски награди е истакнатиот руски документарист Витали Мански, кој е еден од најконтроверзните светски филмски автори. Неговиот филм „Путиновите сведоци“, кој е минатогодишен победник на Карлови Вари, ќе има специјалната проекција на фестивалот.
Седум филмови се во трка за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири. „Сожалување“ режија Бабис Макридис, „Човекот кој ги изненади сите“ сценарио и режија: Алексеј Чупов, Наталија Меркулова, „Алекси“ сценариот и режија Барбара Векариќ, „Љубовен автомобил“, сценарио и режија Елке Маргарете Леренкраус, „Сократес“, сценарио и режија Алехандре Морато, „Прасето“, режија Драгомир Шолев.
,,Покрај овие седум исклучителни остварувања во трка за наградите, продолжуваме со претставување на возбудливи автори од современата турска кинематографија, па годинава наша и Ваша гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу, потоа, тука се и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „…Петрунија“ и „Медена земја“, како и пост-фестум проекциите на современата унгарска кинематографија. Се’ на се’ сигурен сум дека, од програмски аспект, четвртото издание на „КинеНова“ ќе биде едно од оние, незаборавните”, вели програмскиот директор на фестивалот Игор Анѓелков.
Небојша Јовановиќ, директорот на „Киненова“ потенцира дека оваа година она што посебно избликнува од оваа програма се токму филмските автори и дела кои пркосат со храброста и одлучноста да се промени лошата реалност.
,,Во тој контекст имаме храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите. Ова сето значи дека Киненова МФФ не отстапува ни милиметар од својата авангардна патека. Ја повикувам публиката да ја истражи Киненова 2019 и да се подготви за вистински филмски изненадувања”, вели Јовановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.

