Култура
Почнува филмскиот фестивал во Венеција, филмот на Теона Митевска ќе има премиера на 2 септември

Денеска се отвора 79. издание на Венецискиот филмски фестивал, на кој светска премиера ќе има и новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“.
По две децении, ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.
Официјалната проекција на „Најсреќниот човек на светот“ е закажана во петок, 02. септември во киносалата „Sala Darsena“ со почеток во 14.15 минути, а потоа на 03. септември во киносалата „Palabiennale“ со почеток во 13.30 минути.
Веднаш по Фестивалот во Венеција, „Најсреќниот човек на светот“ ќе има и северноамериканска премиера на International Film Festival во Торонто кој ќе се одржи од 08 до 18 септември 2022. Официјалните проекции ќе се одржуваат на 09. септември во киносала „ Scotiabank 13 – 310“ со почеток во 21.15, и на 10. септември во киносала „Scotiabank 9 – 192“ со почеток во 21.45
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложбата по повод 45 години од основањето на ФЛУ – Скопје ќе биде отворена до 16 мај

Факултетот за ликовни уметности – Скопје информира дека ревијалната изложба поставена во Музејот на современата уметност, по повод 45-годишнината од основањето на факултетот, останува отворена за посетителите до 16 мај (четврток), 2025 година.
Изложбата, која беше отворена на 3 април, во рамките на централниот настан за одбележување на 45-годишниот јубилеј на ФЛУ, претставува резултат на долгогодишната заедничка соработка меѓу Факултетот за ликовни уметности и Музејот на современата уметност, со цел да се одбележи богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена. Поставката симболично го прикажува континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
Изложбата прикажува избор на 45 дела од 45 автори, од колекцијата на МСУ, како и дела во сопственост на уметниците – наставен кадар на ФЛУ, почнувајќи од неговото основање до денес. Преку внимателно селектирани дела и архивски материјали, изложбата нуди ретроспективен поглед врз речиси половина век дејствување на ФЛУ како носител на ликовното образование и уметничка мисла во земјата.
Овој избор има за цел да ја отслика разновидноста на уметничките практики и правците што се развивале низ годините, нагласувајќи го нивниот континуиран дијалог со современите текови во уметноста. Преку оваа изложба, посетителите имаат можност да ги согледаат промените во визуелниот јазик и концептуалните пристапи што ги обликувале уметниците поврзани со ФЛУ, но и поширокиот уметнички контекст во кој тие твореле. Таа е и можност за новите генерации да се запознаат со историјата на институцијата, но и со нејзината улога во обликување на иднината на уметноста кај нас.
Култура
Објавени наградите за меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”

Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје денес ги соопшти наградите и признанијата за Меѓународниот книжевен фестивал „Отворен круг”.
Фестивалот е традиционален и годинава ќе се одржи на 15 мај, со почеток во 12 часот, во Културниот центар „Феникс” во Скопје.
Како и минатата година, и годинава ќе бидат доделени вкупно седум награди и признанија и тоа: „Балкански книжевни видици” на писателот Селимир Радуловиќ (Нови Сад) – за меѓународни книжевни вредности и релации; „Отворен круг” на писателот Стефан Марковски – за иновации и експерименти во книжевноста; „Премостувања” на писателот Шаип Емерлаху – за презентација и афирмација на македонското литературно творештво на Фестивалот „Денови на Наим Фрашери” во Тетово; „Хаикин“ на писателката Елена Пренџова – за посебен придонес во Хаику поезијата; „Литературни координати” на писателката Роза Бојанова (Бугарија) – за соработка и доближување на литературите; „Македонски корени” на писателот Ивица Челиковиќ (Шведска) – за неговото литературно и преведувачко творештво и „Големиот Принц” на писателот Мито Спасевски – за придонесот на планот на литературата за деца и млади.
Култура
„Ода на радоста“ – музичка посвета за Денот на Европа од Пламенка Трајковска

По повод 9 Мај – Денот на Европа, македонската виолинистка Пламенка Трајковска потсетува на синглот „Ода на радоста“, инспириран од универзалните европски вредности на мир, заедништво и културна поврзаност.
Во духот на Бетовеновата музика и европското мото „Обединети во различноста“, оваа изведба не е само звучна интерпретација, туку порака на надеж и заедништво во време кога светот повеќе од кога било има потреба од сплотеност.
„Нека музиката не потсети дека Европа не е само географија – тоа се вредности што ги споделуваме и негуваме секојдневно“, вели Трајковска, која со години го поврзува класичниот израз со современ културен ангажман.