Култура
Почнува 7. МФФ „Киненова“

Со доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на режисерката Илдико Ењеди и проекција на хрватскиот филм „Чичко“ во режија на Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји, вечерва, во 20 часот, почнува седмото издание на МФФ „Киненова“.
Илдико Ењеди е една од најоригиналните авторки на денешнината. Со својот прв долгометражен филм од 1989 година, „Мојот 20 век“ ја доби „Златната камера“ во Кан, во 2017 ја освои „Златната мечка“ во Берлин, а вечерва македонската публика ќе има можност да ја запознае одблиску оваа авторка.
Во нејзина чест, в недела (9 октомври), во киното „Милениум“, ќе биде прикажан филмот „Приказна на мојата сопруга“/The Story of My Wife, а в понеделник напладне во ЕУ-хаус, Ењеди ќе одржи мастер-клас.
МФФ „Киненова“ до 14 октомври ќе се одвива со слоганот „Првиот остава трага“ и во киното „Милениум“ и во Кинотеката, љубителите на филмската уметност ќе уживаат во актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи поставувајќи м многубројни прашања во своите филмови, кои се релевантни и на овие простори.
Осум филма се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово.
Во рамките на фестивалски содржини се „Режисерот во фокус“, австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филма го трасираа неговиот пат до европскиот и светскиот врв, потоа изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој на домашните киноплатна ќе ни ја претстави тамошната актуелна кинематографија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.
Култура
Од Венеција до Торонто: ‘Силјан’ на Тамара Котевска ја освојува светската сцена

Долгометражниот документарен филм на Тамара Котевска почнува да се движи по ѕвездена траекторија: по светската премиера на Венеција, својата Американска премиера ќе ја има во официјална селекција на интернационалниот фестивал во Торонто, соопшти Агенцијата за филм.
По историскиот успех на „Медена земја“ – со три награди на „Санденс“ и две номинации за Оскар – и интернационалниот успех на документарецот „Пaтување пеш“ (The Walk), македонската режисерка се враќа на голема врата.
Нејзиниот нов филм „Силјан“ (The Tale of Silyan) ја доби честа да ја има својата светска премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција 2025, а веднаш од таму патува на американската премиера во Торонто, на А категорија фестивал, во официјална натпреварувачка селекција.
Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop, како и со продуцентите Жан Дакар и Јорданчо Петковски, со кого Котевска го сними својот прв долгометражен филм „Човек против јато“.
Со ова, како што додава Агенцијата, македонската кинематографија уште еднаш гордо чекори на светската филмска мапа.
Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.