Култура
По четврти пат Ресенски џез вечери

Веќе четврта година по ред, продолжува традицијата на одржување на Ресенските џез вечери. На градскиот плоштад, пред Jazz Taverna, голем број љубители на џезот уживаа во настапот на групата „Инстинкт“, до доцните вечерни часови.
„Присуството на голем број повратници во Ресен во летните месеци, ја зголеми и потребата од поголем број културни настани. Годинава, малку порано ги одржуваме џез вечерите, за разлика од минатата година, кога се случија во месец август и ги гимаме во два викенди. Така, џез вечерите ги започнавме уште минатиот петок, со настапот на групата „Кабадајас“, а одлучивме овој викенд да има уште два настапи на музички групи. Синоќа пред ресенчани настапија членовите на групата „Инстинкт“, а вечерва, со настапот на Сашо Поповски трио, ги заокружуваме Ресенските џез вечери“, рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресе, Васко Василевски.
Домот на културата „Драги Тозија“, како носител на културните настани во Ресен и Преспа, особено во летните месеци нуди разноврсна програмска понуда за сите вкусови и возрасти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Најголемиот фестивал на нова македонска музика: „Земјотрес 13“ со 20 изведувачи на три сцени

На 1 март во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи 13-то по ред издание на фестивалот „Земјотрес“, единствена музичка платформа во земјава, која ја претставува најновата музика издадена од македонската алтернативна сцена на талентирани автори и музичари. Уникатен во концептот, како целовечерен настан од голем обем, фестивалот нуди разновидна и богата програма. Во фокус ги става младите и надоаѓачки таленти, овозможувајќи простор и за веќе докажани музичари да претстават дел од својата најнова продукција.
И оваа година, фестивалот во МКЦ ќе понуди извонредна музичка програма на 20 музички изведувачи (бендови, соло музичари, продуценти и диџеи на електронска музика) на 3 сцени (сала 25 мај, фоајето на кино Фросина и МКЦ клуб). Единствен простор во градот кој може да вдоми во текот на една вечер 9-часовна музичка програма и прекрасна градска публика – безмалку две илјади посетители.
На „Земјотрес 13“ ќе настапи дел од најмладата и надоаѓачка музичка сила на бендови, соло изведувачи и електронски музичари, некои од нив со прв настап во живо. Од младата генерација ќе се претстават: Tsar Von Time (Битола), Nikartik (Штип), Елена Васова (Скопје), Љубен Дерибан ака L.O.V.D (Скопје), LV$T (Скопје), Lost in Reverie (Скопје), Мартина Пенева (Скопје), Ruststained (Скопје)и Анастазија Голчева ака Speysd (Скопје).
Со неколку изданија зад себе, веќе добро познати на публиката ќе настапат и Martix (Кочани), Grinsen (Скопје) и Fiction (Скопје). Тука се и ветераните на алтернативниот инди психоделичен рок Д.Н.О. (Скопје) кои ќе се претстават со нов албум. Помеѓу веќе признаените музичари, програмата ќе ја надополнат и џез составите Светлост и триото АУМ од Скопје. За првпат на „Земјотрес“ ќе настапи музичко-поетскиот проект на Оливер Митковски и Адреја Салпе Поетроника (Скопје), чии настап во живо е музичко-прозно-визуелно доживување. Тука се и добро познатите YÖU (Скопје) со посебен израз на емо, панк и хард кор.
Помеѓу претставниците на електронскиот звук ќе настапат и Виктор Апо и енергичните Петков и Мораитов од ОВЦ колективот со „back to back“ сет од Скопје. И секако Нема Лабаво (Скопје) уште еден состав на музички ветерани, кои претходно членувале во бројни панк-рок состави, овој пат, водени од лидерот на бендот на Ѓоко Зафировски – Sean.
Кор тимот, кој стои зад ова издание на фестивалот се: Филип Тасевски, Виолета Качакова и Тејка Васиљевиќ.
„Фестивалот „Земјотрес“, кој има инди пристап на самоодржлива платформа, и зависи исклучиво од бројот на продадени билети, е единствен, не само во земјава, туку и во меѓународни рамки. „Земјотрес“ е отскочна даска за најмладите музичари и им го трасира патот за понатамошен развој, видливост и можност за настапи на други фестивали. „Земјотрес“ го започнавме пред 13 години заедно со Мирко Попов и во контекст на условите во кои функционира инди културата, за нас секое ново издание и континуитет значи успех. Затоа со голема љубов, ова издание му го посветуваме на Мирко, како човек кој неуморно работеше да создава нови простори за поддршка на домашната музичка сцена“, вели Тасевски.
Како мото на овој фестивал, организаторите искористија дел од песната „Последната битка“ на Попов/ПМГ Колектив, во која се вели „и да се опстане е победа“.
„Она што е карактеристично за македонската алтернативна музичка сцена е квалитетот и наедно континуитетот, кој го бележи секоја нова генерација музичари, или како што ги нарекуваме „нови бранови“. Секој нов бран има автентичен израз. Поривот за творење во состојба на релативна препознаеност во јавниот дискурс и речиси непостоечка поддршка во процесот на продукција и издавање на музика, е победа. Постоењето на овој фестивал веќе 13 години е резултат на оваа вибрантна сцена, која публиката ја препознава и почитува и доаѓа да ја поддржи секоја година со масовна посетеност“, вели Качакова.
Солидарноста и соработката се основите двигатели на „Земјотрес“.
„Иако кор тимот е составен од тројца, самата реализација подразбира вложување на уште 20-тина луѓе, вклучени во координацијата, техничката поддршка и промоцијата на фестивалот, како и грижа за негова безбедна реализација. Тимски работиме и со изведувачите на фестивалот, кои придонесуваат секоја година да имаме квалитетна музичка програма. Сите заедно сме дел од инди авантурата и предизвикот да реализираме уште едно успешно издание, верувајќи дека публиката ќе го препознае и поддржи, бидејќи од неа зависи неговата реализација“, вели Васиљевиќ.
Загревање во пресрет на фестивалот ќе се случи на 22 февруари во ноќниот клуб „Минус Еден“, каде со диџеј сет ќе настапат најмладите надежи Мик и Петел Јаваше. Влезот е бесплатен, а настанот почнува во 21 часот.
Билетите по пристапна цена за целовечерна програма од 20 изведувачи изнесува 500 денари, со 600 денари на денот на настанот. Билетите се достапни онлајн на bileti.mkc.mk или на билетарата на МКЦ. Програмата започнува во 21 часот и ќе трае од 04 часот по полноќ.
Култура
Балетската претстава за деца „Петар Пан“ на 21 февруари во Националната опера и Балет

На 21 февруари со почеток во 19.00 часот ќе се изведе една од најпопуларните и најгледани балетски претстави за деца, „Петар Пан“ во продукција на Националната опера и балет.
Кореографијата е на Џејмс Амар од Франција, а сценографијата и костимите се на Зоран Костовски и Марија Пупучевска. Во претставата настапуваат солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.
Приказната за ‘момчето што не сака да порасне’ е една од најуспешните и најпопуларните детски приказни на сите времиња, раскажана на генерации деца. „Петар Пан“, лик кој го создаде шкотскиот писател и драматург Џ. М. Бери, ќе ги воодушеви малите и големите со својата авантуристичка приказна, во која главниот херој живее на магичниот остров Недојдија како лидер на неговата банда „Изгубени момчиња“ заедно со сирени, самовили и пирати. Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, костимите и сценографијата и децата ја следат со големо воодушевување. Безгрижното детство на Петар Пан, кој никогаш не сака да порасне, ќе ги потсети најмладите гледачите на важноста на фантазијата и слободата.
Култура
Вечерва во Пробиштип гостува претставата „Земја на штркови“

Вечерва со почеток од 20:00 во ДК „Злетовски Рудар“- Пробиштип, гостува претставата ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ, во режија на Роберт Ристов а во продукција на „Театар Провокација“-Скопје.
Претставата ги следи животните приказни на два пара, кои се разидуваат заради различните ставови во однос на одлуката – заминување во странство, заради подобра иднина.
Едниот пар разделбата ја преживеал во двеилјадитата година а вториот пар, со оваа проблематика се соочува токму сега.
Претставата има за цел да поттикне системски промени, кои се единственото решение за задржување на младите во Македонија.
Во претставта играат актерите: Мирјана Ристов, Изабела Јакимова, Радо Алексовски и Роберт Ристов.