Култура
„Пратеникот” – претстава за љубовта во време на либерален капитализам вечерва во битолскиот театар

Денес, сабота, во дваесет часот вечерта, ќе се одигра премиерата на најновата театарска претстава „Пратеникот“, направена по пиесата “Народен пратеник” од Бранислав Нушиќ, во режија на Софија Ристевска Петрушева, а во продукција на Интимен Театар од Битола.
Во претставата играат: Катерина Аневска Дранговска, Валентин Дамчевски и Борис Богдановски. Композитор на оригиналната музика е Александар Талевски, а дизајнот на светлото го направи Горан Петровски. Костимограф е Валентин Дамчевски и DRAMA – 3/4 by Jasmina. Фотографиите и дизајнот се на Гоце Веселиновски. Премиерата на оваа претстава ќе се случи на голема сцена во Народен Театар Битола.
„Пратеникот” е претстава за љубовта во време на либерален капитализам.
Претстава за борбата на емоционалната човечка природа, со притисоците на општествениот систем што дехуманизира. Претстава за злото во нас, што секогаш не претвора во чудовишта. Претстава за исконската потреба на човекот да доминира, да победува и да покорува. Претстава за тагата и за бесмислата, и во исто време претстава за надежта. “Пратеникот” е емоционално и рациона3лно патување низ нашата желба да бидеме среќни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на книгата „Боксерски асови на Македонија“ од Ставре Џиков на Скопско лето

На 28 јули (понеделник) ќе се одржи промоција на книга „Боксерски асови на Македонија“ од Ставре Џиков, со почеток во 12:00 часот во Ресторанот „Пелистер“.
Промотори на настанот се Ставре Џиков (автор), Зоран Михајлов (спортски новинар), Миле Смилевски (боксерски тренер) и Бобан Блажевски (боксер).
Настанот е во рамки на манифестацијата „Скопско лето“
Култура
Извонредните полски уметници Длугош и Јунгиевич ја воодушевија публиката на Охридско лето

Најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја, Лукаш Длугош и извонредниот пијанист Анжеј Јунгиевич вчеравечер ѝ овозможија на публиката на „Охридско лето“ прекрасен концерт што долго ќе се памети.
Полските уметници настапија во црквата „Света Софија“ со внимателно одбран репертоар кој започна со композиција на Моцарт, а продолжи со дела од Шуман, Шаминад и Пуланк. Вториот дел од концертот беше резервиран за композиции од Шимановски, Падеревски, Менделсон, Горецки, Лутославски и Шелиговски.
-Многу сме изненадени од ова прекрасно место.Акустиката е фантастична, оригиналните фрески ни даваат поттик да го претставиме репертоарот онака како што го замисливме и подготвивме, рече флејтистот Длугош.
Досега повеќе од 300 композиции се напишани специјално за него и за неговата сопруга, исто така, флејтистка, Агата Кјелар-Длугош.
-Ова е важен дел за нас музичарите. Многу сакаме да соработуваме со композитори бидејќи тие се посебени уметници и ни го прикажуваат најлесниот начин на интерпретација , формата и како да се свири добра музика во добра атмосфера. Сме соработувале со над стотина композитори. Сме снимиле повеќе од 80 компакт-дискови и за нас е огромна можност да прикажеме каков репертоар се свири на флејта во 21 век, додаде Длугош.
Длугош студирал соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен, а магистерските студии ги завршил на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД.
Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва.
Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор.
Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице.
Добитник е на стипендии од полското министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година.
Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина.
Учествува на бројни фестивали и премиерно изведува дела од современите полски композитори кои се снимани за радио и ТВ. Неговите изведби се поместени на бројни носачи на звук, меѓу кои се и двата албуми со флејтистката Агата Кјелар-Длугош.
Редовно е пијано придружник на бројни работилници и мајсторски курсеви со етаблирани музичари и педагози. Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.
Култура
Романот „Годините“ од нобеловката Ани Ерно на македонски јазик

Откако минатата година го добивме романот „Девојчински спомени“ од француската писателка Ани Ерно во превод на македонски јазик, следната недела од печат излегува романот „Годините“. Изданието е на издавачката куќа „Илика“, а преводот на Андријана Папиќ Манчева.
Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сѐ до почетоците на XXI век, „Годините“ претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“ врз коешто историјата го втиснува својот груб печат.
Со оваа книга француската нобеловка востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјективна и имперсонална, приватна и колективна, во ова дело Ерно си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикаже животот и времињата на една цела генерација.
Ани Ерно е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за (како што изјави комисијата) „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Првиот роман насловен „Празни шкафови“ (Les Armoires vides) го објавува во 1974 година. Пробивот во светот на книжевноста го прави со делото „Местото“ (La Place) за кое ја добива наградата „Теофаст Ренодо“. Некаде околу тој период таа преминува од пишување автобиографски романи кон дела што жанровски тешко се класифицираат, но кои се секогаш втемелени врз фактите и случувањата од нејзиниот живот, обликувани и протолкувани со помош на техниките на фикцијата.