Култура
Прва виртуелна претстава на Wonderland Theatre
 
																								
												
												
											На 11.06 2020 година (четврток) независниот Wonderland Theatre ќе ја има својата прва театарска премиера онлајн. Претставата носи наслов „Илузии“. Работена е според мотиви од истоимената драма на најпознатиот современ руски писател Иван Вирипаев. Илузии е во режија на Нела Витошевиќ. Улогите ги играат актерите: Драгана Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Монтажата ја направи Васил Христов. Музиката е на Огнен Анастасовски.
Претставата ќе се емитува од 20 00 часот на каналот на Wonderland Theatre, на „Јутјуб“ (https://www.youtube.com/user/wonderlandtheatremk/featured) и потоа ќе остане на истата за публиката да може и понатаму да ја гледа. Публиката може да ја следи и на инстаграм-страницата ( https://www.instagram.com/wonderland.theatre_/) и на Фејсбук на (https://www.facebook.com/Wonderland-Theatre-107622730975439/).
„Оваа претстава е направена во време на пандемија и нејзиното создавање е поврзано со периодот на карантинот. Секој ден откако ќе започнеше полицискиот час, екипата се собираше да пробува на интернет-платформите за комуникација. Тргнавме од идејата, односно започнавме дебати околу тоа што би се случувало доколку пандемијата потрае подолго време?! Каков би бил светот?! Како би функционирале ние во новонастанатите околности?! Што би се случувао со уметноста, а што со театарот?!
Дискутиравме, споделувавме разни сознанија и информации во однос на новите глобални околности и решивме да пробаме да направиме претстава во виртуелниот простор и да видиме што ќе добиеме како резултат на ова истражување. Екипата на крајот се договори да влезе во оваа не толку позната сфера и да одговори на предизвикот кој ова ново време го задава. Користејќи се со театарскиот пристап, но во виртуелниот свет, направивме претставата која ги отвора темите на љубов, неверство, оттуѓеност на луѓето како и празнотијата и минливоста на животот. Сметавме дека во вакви кризни времиња овие теми се актуелизираат кај секој човек. Оваа приказна ни ја раскажуваат четворица актери кои постојано влегуваат и излегуваат од улогите. Сите играат определена улога, но истовремено се и наратори на приказната.
Од друга страна претставата отвара и еден друг документаристички аспект кој зборува за проблемите со кои се соочува, а и допрва ќе се соочува пост-пандемскиот театар. Интересно во однос на процесот е и тоа што екипата се нема сретнато во живо. Целата комуникација и создавање на претставата се одвиваа онлајн. Сè што е снимено е снимено во домашна изолација и со приватни телефони на екипата. Претставата е направена за месец и дваесет дена и трае 50 минути. Оваа виртуелна претстава e наш придонес и уметнички израз во оваа ново настаната состојба“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Култура
Виенски валцери и нем филм во КИЦ: мултимедијална вечер со Пламенка Трајковска посветена на Јохан Штраус
 
														Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска на 5 ноември во Културно-информативниот центар – Скопје ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм ‘Веселата војна’“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.

Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Концертот е во рамките на фестивалот фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет во состав: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.
Култура
Концерт на ансамблот „Македониум“ во КИЦ Белград
 
														Вечерва во 19 часот, КИЦ Белрад ќе биде домаќин и организатор на концерт на музичкиот ансамбл „Македониум“ од Белград, со наслов „На срце ми лежи, мила мамо“. И самиот наслов асоцира дека на вечерашнава програма ќе се најдат грст изворни и новосоздадени македонски песни, со кои ансамблот веќе повеќе од 10 години стекнува симпатии како меѓу публиката од македонската заедница во Србија, така и меѓу српската публика, каде и да настапува.
Концертот кој се организира во партнерство со Здружението на Македонците во Белград „Македониум“, ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а овој концерт е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Ансамблот „Македониум“ е основан во 2015 година, со цел да бидат сочувани, негувани и популаризирани старите македонски изворни песни, да се сочуваат и почитуваат старите обичаи, како и да се афирмираат песните од современото македонско музичко творештво.
Ансамблот има настапувано скоро на сите поголеми манифестации во рамките на македонската заедница во Србија, како што се „Деновите на македонска култура“ во Нови Сад, централните македонски прослави поврзани со нашите големи празници, како што традиционалните празнувања на Илинден во Јабука и Качарево, а ансамблот бил и претставник на Македонскиот национален совет во рамките на Саемот на националните малцинства во Белград, како и претставник на меѓународниот фестивал „Експлорес“.
Култура
„Фрида од Македонија“ со концерт на „Есенските музички свечености“
 
														В недела со почеток во 20 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт на женскиот хор „Фрида од Македонија“ насловен „Фрида Музикотерапија“, во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“.
Аматерски женски хор ФРИДА е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот функционира во 2 секции/групи составени од по 60тина хористки аматери, со големо хорско искуство.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											