Култура
Предавање на француско-романскиот автор Матеј Вишниек
В среда, 20 март 2024 година, во 18 часот, во „Јуроп хаус“ ќе се одржи онлајн-предавањето на француско-романскиот автор Матеј Вишниек.
Матеј Вишниек е писател (драматург, новинар, поет и романописец), кој твори на француски јазик. Како и кај други уметници и интелектуалци кои се родени во Романија, но твореле во културата на дијаспората (како Константин Бранкуши, Емил Чоран, Мирча Елијаде, Ежен Јонеско, Норман Манеа, Херта Милер), уметничкото творештво и животот на Матеј Вишниек може да се поделат на: a) годините на академското и културното оформување во Романија, родната земја со нејзините жители, кои останаа негов главен извор на инспирација, независно од книжевниот жанр што го обработува и б) зрелоста и меѓународниот успех стекнати во француската култура во која живее и го објавува најголемиот дел од своето дело.
Двата значајни аспекта од годините на неговото творење и оформување во романската културна средина се следниве: студира историја и филозофија на Универзитетот во Букурешт и е основач на Понеделничкиот кружок, координиран од професорот Николае Манолеску. Неговите пиеси објавени од 1987 до 1997 година, иако цензурирани, тајно си го наоѓаат патот до читателите заинтересирани за неговиот израз и стил. На 31-годишна возраст, кога пристигнува во Париз, Матеј Вишниек ѝ остава на романската култура веќе значајно дело: еден роман, многубројни пиеси и неколку збирки поезија. Во 1987 година емигрира во Франција, во 1993 година станува француски државјанин, но продолжува да објавува паралелно на француски и на романски јазик. Живее во Париз и работи како новинар во Радио Франс ентернасјонал. Во Франција, земјата во чија култура ќе се истакне, тој дебитира со збирката поезија „Мудрецот во времето за пиење чај“, со која ја добива наградата за најдобра поетска книга во 1984 година. По декемвриската револуција од 1989 година, Матеј Вишниек станува најиграниот романски драмски писател, кој твори на француски јазик во својата родна земја, но и во уште триесет други земји.
Разликата меѓу реалноста и начинот на нејзиното претставување, меѓу зборовите и делата, светот како циркус и спектакл остануваат фундаментални теми на неговите пиеси, кои одржуваат совршена рамнотежа меѓу апсурдот и комичното. Матеј Вишниек ги сака надреализмот, дадаизмот, театарот на апсурдот, комичното и гротескното, фантастичната книжевност, магичниот реализам на латиноамериканскиот роман, англосаксонскиот реалистичен театар, но го мрази социјалистичкиот реализам.
Оваа исклучителна вечер ни го овозможува задоволството директно да откриеме некои од суштинските идеи на творештвото на драмскиот писател и новинар Матеј Вишниек, како и можноста да го откриеме уметникот и да му поставиме, иако онлајн, неколку прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

