Култура
Премиерата на „Магбет“ ќе го отвори фестивалот „Шекспир“ и ќе го одбележи 81. роденден на Битолскиот театар
Со премиерата на „Магбет“ во режија на унгарскиот режисер Сабо Иштван, на 14 ноември ќе биде свечено отворено 11. издание на Шекспир фестивалот во Битола, кој оваа година се совпаѓа со 81. роденден на Народниот театар Битола.
На денешната прес-конференција директорот на театарот, Васко Мавровски, истакна дека одлуката фестивалот да се одржи во есенски период е донесена затоа што културата не смее да биде резервирана само за летните месеци.
Тој се осврна и на успесите на Битолскиот театар во изминатиот период: „Ричард Трети“ доби специјална награда за најдобра претстава на фестивалот „Ристо Шишков“, „Снежана и седумте џуџиња“ гостуваше на фестивалите „Силјан Штркот“ и „Малиот принц“, „Рибарски караници“ беа дел од Денови на комедијата, „Отворено море“ гостуваше во Полска. „Магбет“ со екипа од 39 членови: спектакл што отвора нова димензија на Шекспир.
Мавровски ја најави „Магбет“ како спектакл од тип што одамна не се видел во Битолскиот театар, со екипа од 39 лица.
„Ова е претстава што отвора нови димензии на размислување како може да се постави Шекспир – трагедијата на работ меѓу комедија, гротеска и епска драма“, рече тој, додавајќи дека Иштван создал „епохално дело што ќе се памети“.
Тој истакна дека успеале да ја вклопат целата програма во буџетот добиен од Министерството за култура и Општина Битола.
Бесплатен влез за сите претстави
„Додека сум менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот ќе бидат бесплатни“, најави Мавровски, нагласувајќи дека салата повторно е преполна, а публиката зголемена за 60–70 проценти.
„Учениците и гимназијалците се вратија, не држат на сцената со 15-минутен аплауз. Тоа е магијата на театарот“, додаде тој.
Екипата на „Магбет“ ја сочинуваат асистент на режија: Јован Ристовски, сценограф: Валентин Светозарев, костимограф: Благој Мицевски, композитор: Ерно Веребес, видео дизајн: Сергеј Светозарев, светло: Горан Петровски, тон: Николче Терзиевски, видео оператор: Владимир Переловски, инспициент: Димитар Михајловски / Оливер Петровски, суфлер: Мирјана Христовска.
Улогите ги толкуваат: Александар Димитровски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Мартин Митровски, Филип Мирчевски, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Соња Михајлова, Ана Грамосли, Марија Стефановска, Марија Цветановска, Ива Лазарова.
Режисерот Сабо Иштван истакна дека работата била „прекрасно искуство“ со талентирана екипа:
„Мајерхолд рекол дека вистинскиот начин да се прави театар е гротеската, затоа што човековата природа е гротескна сама по себе. Тоа го истражуваме во оваа претстава.“
Актерот Мартин Мирчевски,вели дека процесот бил „поинаков и инспиративен“, а актерката Јулијана Мирчевска, која ја игра Лејди Магбет, истакна дека за време на пробите „пораснале и како актери и како луѓе“.
Меѓународни гости и богата програма
Уметнички раководител на фестивалот е Благој Мицевски, кој потенцира дека Битолскиот театар е познат по интернационални соработки и дека ова издание носи нови можности за промоција во странство. Меѓу гостите се: Филип Пар, претседател на Европската асоцијација на Шекспир фестивали, Џон Блондејл, уметнички директор на фестивалот во Верона, Влад Драголеску од фестивалот во Крајова.
Програма на фестивалот (14–21 ноември)
15.11 – „Дванаесеттата ноќ“ – Драмски театар „Александар Венгерко“, Полска
17.11 – „Крал Лир“ – „Lit Moon Theatre“, САД
18.11 – „Еволуцијата на распадот“ – АРТЕМА, Скопје
19.11 – „Само ти(и)ја / Only You (and I)“ – Тим Театрос К, Скопје
19.11 – „Ричард III“ – Народен театар Битола
20.11 – „Јас Писблосом“ / „I, Peaseblossom“ – Хрватска/Англија
21.11 – „Како што милувате / As You Like It“ – ДТ „Стојан Бачваров“, Варна
Битолскиот театар ги поканува граѓаните да прослават 81 година театарска магија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Битолскиот диригент Владимир Димовски гостува во Ниш
Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе диригира со Нишкиот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи денеска во Офицерскиот Дом во Ниш со почеток од 19 часот.
Роден во 1984 година во Битола, Димовски своето музичко образование го започнува на отсек виола, а академската надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште за време на студиите се истакнува како водач на групата виоли, што претставува рана најава за неговата подоцнежна уметничка и диригентска определба. Во периодот од 2004 до 2025 година, Владимир Димовски е ангажиран во Македонска опера и балет како виолист и заменик-водач на групата виоли.
Владимир Димовски е основач на НУ Камерен оркестар на Битола, институција која по повеќегодишна негова уметничка и организациска посветеност, во декември 2023 година го доби статусот на национална установа, заедно со првите вработувања реализирани под негово водство. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола како виолист, а повремено настапува и како диригент, активно учествувајќи во креирањето и реализацијата на концертните програми.
Со повеќе од 25 години искуство во диригирање и работа со различни камерни и симфониски оркестри, Димовски го гради својот диригентски израз не како формална дипломска определба, туку како резултат на лична желба, уметничка страст и континуирана практична работа на сцената, низ долгогодишно водење ансамбли и реализација на комплексни музички проекти.
Паралелно со институционалната работа, веќе 13 години тој е уметнички раководител и диригент на Оркестар DIVA (претходно Битолски Камерен Оркестар), независен ансамбл со јасно профилиран уметнички концепт, насочен кон спојување на класичната оркестарска традиција со современи, поп и рок музички проекти.
Како автор и диригент, Владимир Димовски стои зад бројни оригинални и препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Rock Symphony“, „James Bond Symphony“, „John Williams Symphony“, „Stars Symphony“, „Flowers Symphony“ и многу други. Овие проекти, чиј уметнички концепт и реализација се негово авторско дело, стекнаа значајна популарност и беа изведувани низ Македонија и регионот.
Покрај диригентството, Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.
Гостувањето во Ниш претставува уште една потврда за неговиот активен диригентски ангажман и за континуираната регионална уметничка соработка.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова се одржа во Драмски театар
Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерката Ленче Делова.
Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа, тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што останува до пензионирањето во 2004 година.
Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965); Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/ (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).
Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.
Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја добива награда за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја добива наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одбива заедно со сите други наградени од претставата.
Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и колегите од повеќе македонски театри.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакнува дека: „Со голема тага ја примив веста за смртта на истакнатата македонска театарска и телевизиска актерка Ленче Делова, уметница чие творештво остави неизбришлива трага во современата македонска култура.
Во овие тажни мигови, иако не постојат зборови коишто можат соодветно да ја изразат големата загуба, упатувам најискрено сочувство до семејството, пријателите, колегите и до целата македонска културна јавност.
Ленче Делова оствари бројни ролји во Драмскиот театар во Скопје, каде што го помина сиот свој работен век. Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентична психолошка суптилност, топлина и природност, со што успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката.
Особено значајно место во нејзината уметничка биографија заземаат телевизиските остварувања што го одбележаа детството на многу генерации: Бушава азбука, Ајде да се дружиме, Чук, чук Стојанче и Во светот на бајките. Преку овие култни емисии, Ленче Делова не само што ја потврди својата актерска виртуозност туку и даде непроценлив придонес во воспитно-образовниот и културниот развој на младите.
Извонредните актерски остварувања и благородната личност на Ленче Делова ќе останат трајно запаметени како дел од највредното наследство на македонската театарска сцена и телевизискиот медиум“.
Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Со искрено жалење ја примив веста за заминувањето на истакнатата македонска актерка Ленче Делова, доајен на македонското глумиште и една од најпрепознатливите личности на нашата културна сцена.
Ќе ја паметиме по нејзините улоги, по силните и автентични интерпретации со кои ѝ даваше живот на секоја сцена, по нејзиниот препознатлив глас и достоинствена појава. Со својот талент, посветеност и професионализам, таа остави длабок и траен белег во македонскиот театар, филм и телевизија, вградувајќи се во темелите на современата македонска култура.
Од име на Министерството за култура и туризам и од мое лично име, изразувам искрено сочувство до семејството, колегите и сите почитувачи на нејзиното дело.
Нејзиното творештво ќе остане трајна вредност и инспирација за идните генерации.“
Колегите од Македонскиот народен театар во телеграмата споделија сеќавање на долгата кариера на Ленче од самите нејзини почетоци во 1965 година со зборовите: „Израсната и оформена како актерка во нејзиниот Драмски театар, Ленче Делова во текот на својата неколку децениска актерска кариера покажа како лирската прецизност може да остане траен спомен и четиво за иднината.
Со широкиот дијапазон на улоги од комика и гротеска до драма и трагедија, ја покажа нејзината способност наизглед споредниот лик да го претвори во движечка сила на сцената. Сето тоа, акцентирано со нејзината насмевка и топол поглед.
Нејзинатата уметничка дарба и сценска посветеност оставија траен белег во македонскиот театар и во срцата на сите што имаа чест да соработуваат со неа. Ќе остане запаметена како тивка сила на сцената и како уметник со редок интегритет и во театарот и на телевизија.
Нејзиното отсуство е ненадоместлива загуба, а нејзините дела – светол патоказ за идните генерации“.
Од ансамблот на Албанскиот театар – Скопје колегите изразија искрено сочувство по повод загубата на истакнатата македонска актерка Ленче Делова: „Нејзиниот исклучителен уметнички придонес ќе остане трајна вредност во театарската уметност и културниот живот на нашата земја. Ќе ја паметиме по нејзината посветеност, талент и човечка топлина, кои оставаа длабока трага кај сите што имаа чест да ја познаваат и да соработуваат со неа. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејството, колегите и сите што ја сакаа и почитуваа“.
Во телеграмата пристигната од колегите од Театар за деца и младинци се вели дека ѝ оддаваат почит на уметницата која остави значаен белег во македонскиот театар, филм и телевизија: „Со децении активно присутна на сцената, таа беше дел од бројни претстави и остварувања што ја обележаа современата културна продукција и допреа до повеќе генерации публика“.
На комеморацијата последен поздрав кон колешката со која ја делел сцената над четириесет години, упати актерот Благоја Чоревски. Тој во своето емотивно обраќање пред присутните се потсети дека со Ленче се дружеле и настапувале заедно во драмски аматерски претстави уште од својата рана младост. Во навраќањето на тие денови, тој ја сподели радоста и ентузијазмот на нивното гостување на Хвар, на фестивалот на „Југословенски театарски аматерски групи“, на кој Ленче ја освоила својата прва актерска награда на возраст од само 14 години.
Во името на македонското глумиште и колективот на Драмски театар на комеморацијата се обрати директорот Роберт Вељановски потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот која нè плени со секоја нова изведба на театарските сцени. Тој замоли со силен аплауз, единствената почит со која се искажуваат најсилните емоции, да се простиме од големата уметница, актерката Ленче Делова и воедно да се потсетиме на нејзината најголема поддршка и на сцена и во семејството, нејзиниот починат сопруг Урош Делов – Руше. Тој беше голем познавач на „театарската светлина“ и расветните тела потребни за доловување на магијата на сцената и обучувач на генерации осветлители и мајстори на светло во Драмскиот театар.
Македонската актерка Ленче Делова беше погребана во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.
Нека ѝ е вечна слава!

