Култура
Премиера на „Оловното војниче“ со оркестарот на Македонската филхармонија

В среда, во 12 часот, оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе концертот за деца со наслов „Оловното војниче“, на музика од македонскиот композитор Филип Иванов. Диригент е Борјан Цанев, а наратор е актерот Мартин Јордановски.
„Еднаш многу одамна, едно малечко дете за роденден добило подарок – кутија со играчки. Внатре во кутијата биле сместени дваесет и пет оловни војничиња, направени од една стара голема оловна лажица. Детето многу се израдувало на подарокот и веднаш ги поставило војничињата на масата каде што имало и многу други играчки. Сите војничиња биле исти. Носеле црвено-сини униформи, а пушките ги држеле високо исправени потпирајќи ги на своите раменици. Биле наместени во строј и спремни за марширање“.
Вака почнува една од најубавите приказни од Ханс Кристијан Андерсен посветена на љубовта помеѓу две играчки.
Премиерната изведба на ова музичко дело од Филип Иванов инспирирано од фантастичниот наратив на Андерсен децата ќе ја проследат преку организирана посета од основните училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Разговор со поетесата Биљана Стојановска во Градската библиотека во Скопје

Во вторник, 6 мај во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со поетесата Биљана Стојановска, чија стихозбирка „Додека спиеш“ е книга на месецот.
Разговорот со Стојановска е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Модератор ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
-Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена, вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.
Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). „Стан што се распаѓа“, како и „Додека спиеш“ беa во најтесна конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат „Струшките вечери на поезија“. „Потрага по храброст“ е нејзината четврта книга, којашто е книга за деца, со илустрации на уметникот Владимир Лукаш, во издание на „Чудна шума“ (2024). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе македонски списанија за литература и антологии. Стојановска работи како новинар.
Со „Додека спиеш“ (издание на „Чудна шума“) се заокружува третиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ во чии рамки беа претставени 24 книги од исто толку автори. Кампањата започна во септември 2022 и се одвиваше во циклуси од по осум месеци со исто толку автори и дела. Во 2024 година Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ за оваа кампања ја доби наградата Промотор на читачката култура што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи.
Култура
Утре во Нетавил промо настан за третото издание на Стрип Трип

На 6 мај во ИТ хабот Нетавил во Скопје, со почеток од 18 часот ќе се одржи промотивен настан за третото издание на фестивалот Стрип Трип. Како дел од промотивниот настан, илустраторите Симон Калајџиев и Белкис Аксу ќе ги престават своите дела и инспирациите што стојат зад нив.
Дополнително, ќе се одржи и цртачка „џем“ сесија со дел од најактуелните автори во македонскиот стрип. Во текот на вечерта, ќе бидат споделени и дел од содржините што се подготвуваат за главниот настан на Стрип Трип што ќе се одржи од 6 до 8 јуни во Младинскиот Културен Центар во Скопје. Настанот е отворен за јавноста, а организаторите ги покануваат сите љубители на стрипот и графичката уметност во државата.
Симон Калајџиев е уметник и футурист од Скопје кој живее и работи како професионален илустратор во Токио, Јапонија. Има работено како независен илустратор и графички дизајнер за многу различни проекти, вклучувајќи: филмови, списанија, реклами, учебници, веб-сајтови, и фестивали. Бил инструктор за цртање стрип и еден од основачите на стрип работилницата во НВО Погон Скопје, 2002-2006. Уредник е и на стрип магазинот Comicus Magnus во издаваштво на истата организација. Тој е добитник на повеќе престижни награди од полето на архитектонската илустрација. Меѓу позначајните изданија, автор е на арт-зборникот „Верлосен“ (2023) и експерименталниот графичко-книжевен проект за асемичко пишување „Öлпест“ (2025).
Белкис Аксу е илустраторка што потекнува од Измир, Турција, а веќе неколку години живее и работи во Скопје. Периодов работи на графичкиот роман, „Всушност, нејзиното лице е прекрасно“ заедно со Дерија Атлас. Дополнително, Аксу илустрира детски книги и атласи, објавува месечен билтен во вебкомик формат, предава на работилници за илустрација, а организира и клуб за графички романи заедно со Атлас. Работи во Јуфи Арт студиото во Дебар Маало со уште двајца уметници.
Стрип Трип 2025 е меѓународен фестивал на стрипот што ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје од 6-8 јуни 2025. Главна цел на фестивалот е промоција и популаризација на македонскиот и светскиот стрип. На фестивалот ќе бидат претставени најновите достигнувања и иновативни изрази во деветтата уметност и сродните креативни индустрии. Воедно, ќе бидат претставени стриповите на најмладата генерација на стрип автори. Фестивалот ќе биде отворен за сите посители.
Култура
Одбележување на јубилејот – 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик во КИЦ во Софија

На 5 мај 2025 година, со почеток од 18:30 часот, во просториите на македонскиот КИЦ во Софија ќе се одбележи јубилејот – 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
Кодификацијата на македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани: Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944 година) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава, Решението на Президиумот на АСНОМ од 5 мај 1945 година за македонската азбука, како и со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945 година.
На одбележувањето на јубилејот ќе се обратат проф. д-р Михајло Марковиќ, со предавање на тема „Милениумската постојаност на македонскиот јазик – темел на македонскиот културен идентитет“ и проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија.
80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик и раст на македонскиот јазик низ вековите, како суштински фактор и ентитет на македонскиот идентитет, како срцевина на македонската култура, преку кој градиме мостови на уметноста, културата, науката и напредокот, во духот на соработката, пријателството и дијалогот меѓу цивилизациите.