Култура
Премиера на првиот македонски мјузикл на 18 јуни во кино „Фросина“
Првиот македонски мјузикл „Црно и бело“ ќе биде прикажан на 18 јуни, вторник, со почеток во 20 часот во кино „Фросина“, МКЦ – Скопје. Овој дипломски филм, како предизвик на филмското платно го постави Сандра Ѓорѓиева.
Музиката и танцот со сите проблеми и предизвици го сочинуваат животот црно – бел на главниот лик, Јована, која ја глуми актерката Јелена Јованова. Таа е млада, вредна жена вработена во туристичка агенција која ги исполнува барањата на сите, со цел да биде прифатена и признаена од соработниците.
Но, покрај својата посветеност и напорна работа, таа е постојано непочитувана. Јована со нив води имагинарна војна преку музика и танц.
Сценариото, режијата и монтажата се на Сандра Ѓорѓиева, директор на фотографија е Дарко Елек, композитор Филип Стефановски (ФИС студио), музички текстописец Тамара Котевска, кореографијата е на Ирена Лозинска, а тонската обработка на Сашко Потер Мицевски.

Актерската екипа ја сочинуваат: Јелена Јованова, Јордан Симонов, Жаклина Петровска, Жарко Димовски, Дејан Лилиќ, Миа Трпезановска, Анџелина Симоновиќ, Благојчо Стојанов, Наталија Теодосиева, Ангела Стојановска, Марко Илиќ, Дритон Вејсели, Стефан Петровски, Ангела Димитрова, Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Кујтиме Ахмети, Дритон Незири, Никола Колев и децата од драмското студио на „5+“.
Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје, копродукција „Мунлајт“, со поддршка од Агенција за филм.
„Црно и бело“ е дипломски филм на Сандра Ѓорѓиева, студент на Катедрата за филмска и телевизиска монтажа, во класата на проф. м-р Лазар Секуловски и доц. м-р Владимир Павловски. Ѓорѓиева во улогата на режисер и монтажер е потпишана и за филмот „Зелени ѕидови, црна храна“, кој влезе во официјалната селекција на Сараевскиот филмски фестивал во 2015 година. Таа е дел од екипата на телевизиските серии „Преспав“ и „5+ Фамилија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).

