Култура
Премиера на претставата „Фирма“ го отвора фестивалот РУТА во Драмски
Второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА на 3 октомври ќе се отвори со премиерата на домаќинот Драмски театар Скопје.
Со претставата „Фирма“ ,во режија на Нела Витошевиќ, на текст на авторот Роланд Шимелфенинг, почнува со реализација на програмата на годинашното издание на фестивалот РУТА во Драмскиот театар од 3 до 8 октомври.
Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст им ги додели на актерската екипа: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вуисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска-Ристоска, а изборот на музиката е на Нела Витошевиќ.
Режисерката Нела Витошевиќ во најавата за новата претстава пишува дека Роланд Шимелфениг е еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори. Поради тематската актуелност „Фирма“ (Push Up 1-3), авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескрупулозната борба на индивидуата, која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста, кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство се случува во ИТ-корпорација. Во тоа застрашувачко опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата.
Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерство за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во своите големи празни станови, асоцијативни за својата духовна и социјална празнина.
Претставата „Фирма“ е на редовен репертоар веќе на 13 и 14 октомври.
По свеченото отворање на фестивалот со премиерата во Драмскиот театар, на 4 октомври (среда) македонската публика ќе го проследи „Декамерон“ на Градско позориште од Подгорица, во копродукција со Народно позориште од Ниш. Претставата е во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски.
„Нора“ е претставата на Местно гледалишче од Љубљана, Р. Словенија, што ќе се игра на 5 октомври (четврток) 2023 година. Режијата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ.
На програмата на четвртиот фестивалски ден на 6 октомври (петок) е претставата „Син“ на Камерниот театар 55 од Сараево. Режија: Дино Мустафиќ Автор: Флоријан Зелер.
Београдско драмско позориште пред нашата публика ќе ја изведе претставата „Самрак на боговите“ в сабота на 7 октомври во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.
Со претставата „Отело“, театарот „Улисис“ од Р. Хрватска го затвора фестивалот РУТА в недела на 8 октомври. Режијата ѝ е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на „Улисис“, е направена и со членовите на Сараевски ратни театар од Сараево.
Драмскиот театар Скопје ја отвора театарската сезона со шеснаесеттата по ред РУТА, на која македонската публика ја има ексклузивната можност да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.