Култура
Пролетта доаѓа со „Бикини Мун“: македонска премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски

На 22 март со почеток во 20 часот во киното „Милениум“ ќе биде премиерата на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Филмот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот. Билетите за филмот се пуштаат во продажба од среда, 14 март. Во меѓувреме „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.
Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито. „Бикини Мун“ вчера беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на Фест во Белград. Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот фестивал Менхетн (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај. Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.
Главна херојка е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нè водат до работ на вистината и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк. Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот, е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Инвестиции за заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, најавија надлежните

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и Музеј – Струмица, денеска реализира работна посета на општините Дојран и Гевгелија, со цел увид во тековните и во планираните проекти од областа на културата и културното наследство.
Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век, со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и на културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода преку реконструкција на праисториска наколна населба на Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, а основниот проект за изградба на музејот се очекува да почне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и Музеј – Струмица.
Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како жив музеј на отворено, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, најавија од Министерството.
Во рамките на посетата на Гевгелија беше извршен увид во реализацијата на проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век. Вредноста на инвестицијата изнесува над 40 милиони денари, а проектот опфаќа: реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветление, целосна реконструкција на подземната инфраструктура.
Со завршувањето на проектот Чаршијата ќе ја задржи својата автентичност, а истовремено ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро, привлечно и за жителите и за посетителите.
Вечерва, во рамките на посетата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе присуствува на фестивалот „Вкуси го југот“.
Како носител на титулата град на културата, Гевгелија се етаблира како центар на културни настани, фестивали и манифестации, кои значајно придонесуваат за развојот на локалната економија, туризмот и културниот живот во регионот.
Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”