Култура
Промоцијата на книгите „Пат покрај патот“, „Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски
Вечерва во Охрид, пред љубителите на поестскиот збор, гости и пријатели, свечено е промовирана најновата книга есеи од Славе Ѓорѓо Димоски „Пат покрај патот“
Истовремено беа претставени и две поетски книги на Ѓорѓо Димоски „Извештаи на Рисот“ и „Јазик и леб“,кои, заради ковид – пандемијата, досега не беа свечено промовирани.
Овозможено беше,на промоцијата,чнигите да се купат по специјална промотивна цена.
За книгата – патеписни есеи „Пат покрај патот”,зборуваше проф.др. Димитар Пандев, а модератор беше Јулијана Величковска.
Оваа е четврта книга есеи на Ѓорго Димоски, по претходните: „Амадео Модилјани“, „Шише во море“, книга прва и „Шише во море“ книга втора.
-Поетскиот стил и јазикот на поетот се една книжевна форензика, додека авторот е поет на мерата, нагласи професор д-р Пандев.
Според него,во делата на Ѓорѓо Димоски, содржани се интеркултурните шокови на современата Европа, преку љубовта и описите на неговата животна и поетска преоукупација – планината Галичица, со сиот нејзин жив и растителен свет, чија заштита е тема број еден денеска во светот.
Професорот Пандев, го поретстави поетот Славе Горго Димоски, од позиција на раководните функции што ги извршувал на Струшкиот поетски фестивал, каде разбирачката на сличните со себе, особено на оние од средната и постарата генерација, кај него, е можна без неопходната интер културна комуникација.
Пред присутните се обрати и авторот, кој за „Пат покрај светот“ рече дека е книга есеи, кои според него, се рефлексија на различни страни од светот каде што патувал, лирски импулси и вибрации.
-Јас пишувам за патот на универзалноста, за светлиот пат, додека сите придружни патеки се едно лично својство. Тука има и една библиска конотација, од аспект на светиот пат на Првородениот, со сите приклученија кон него, рече авторот Славе Горго Димоски.
Тој најави уште две до три книги, во истиот контекс, за кои има собрано материјал.
-Има и постари есеи, повеќето се цртички со анегдотски приказ за повеќе наши ситуации од сферата на културата и личности. Ангажирана поезија, која всушност во последниве половина век можеби ретко се пишува, но економско политичките ситуации во нашата земја и пошироко доведоа до таа страна дека мораме да се вратиме назад на оваа поезија која има еден тек заедно со политичко економските настани во една земја, еден систем, едно општество, рече Димоски.
Славе Ѓорѓо Димоски е автор на повеќе поетски книги за возрасни и деца, деветнаесет му се преведени на различни јазици, добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, и е застапен во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени по 1982 година.(Крај)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Битолскиот диригент Владимир Димовски гостува во Ниш
Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе диригира со Нишкиот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи денеска во Офицерскиот Дом во Ниш со почеток од 19 часот.
Роден во 1984 година во Битола, Димовски своето музичко образование го започнува на отсек виола, а академската надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште за време на студиите се истакнува како водач на групата виоли, што претставува рана најава за неговата подоцнежна уметничка и диригентска определба. Во периодот од 2004 до 2025 година, Владимир Димовски е ангажиран во Македонска опера и балет како виолист и заменик-водач на групата виоли.
Владимир Димовски е основач на НУ Камерен оркестар на Битола, институција која по повеќегодишна негова уметничка и организациска посветеност, во декември 2023 година го доби статусот на национална установа, заедно со првите вработувања реализирани под негово водство. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола како виолист, а повремено настапува и како диригент, активно учествувајќи во креирањето и реализацијата на концертните програми.
Со повеќе од 25 години искуство во диригирање и работа со различни камерни и симфониски оркестри, Димовски го гради својот диригентски израз не како формална дипломска определба, туку како резултат на лична желба, уметничка страст и континуирана практична работа на сцената, низ долгогодишно водење ансамбли и реализација на комплексни музички проекти.
Паралелно со институционалната работа, веќе 13 години тој е уметнички раководител и диригент на Оркестар DIVA (претходно Битолски Камерен Оркестар), независен ансамбл со јасно профилиран уметнички концепт, насочен кон спојување на класичната оркестарска традиција со современи, поп и рок музички проекти.
Како автор и диригент, Владимир Димовски стои зад бројни оригинални и препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Rock Symphony“, „James Bond Symphony“, „John Williams Symphony“, „Stars Symphony“, „Flowers Symphony“ и многу други. Овие проекти, чиј уметнички концепт и реализација се негово авторско дело, стекнаа значајна популарност и беа изведувани низ Македонија и регионот.
Покрај диригентството, Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.
Гостувањето во Ниш претставува уште една потврда за неговиот активен диригентски ангажман и за континуираната регионална уметничка соработка.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова се одржа во Драмски театар
Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерката Ленче Делова.
Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа, тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што останува до пензионирањето во 2004 година.
Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965); Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/ (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).
Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.
Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја добива награда за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја добива наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одбива заедно со сите други наградени од претставата.
Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и колегите од повеќе македонски театри.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакнува дека: „Со голема тага ја примив веста за смртта на истакнатата македонска театарска и телевизиска актерка Ленче Делова, уметница чие творештво остави неизбришлива трага во современата македонска култура.
Во овие тажни мигови, иако не постојат зборови коишто можат соодветно да ја изразат големата загуба, упатувам најискрено сочувство до семејството, пријателите, колегите и до целата македонска културна јавност.
Ленче Делова оствари бројни ролји во Драмскиот театар во Скопје, каде што го помина сиот свој работен век. Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентична психолошка суптилност, топлина и природност, со што успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката.
Особено значајно место во нејзината уметничка биографија заземаат телевизиските остварувања што го одбележаа детството на многу генерации: Бушава азбука, Ајде да се дружиме, Чук, чук Стојанче и Во светот на бајките. Преку овие култни емисии, Ленче Делова не само што ја потврди својата актерска виртуозност туку и даде непроценлив придонес во воспитно-образовниот и културниот развој на младите.
Извонредните актерски остварувања и благородната личност на Ленче Делова ќе останат трајно запаметени како дел од највредното наследство на македонската театарска сцена и телевизискиот медиум“.
Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Со искрено жалење ја примив веста за заминувањето на истакнатата македонска актерка Ленче Делова, доајен на македонското глумиште и една од најпрепознатливите личности на нашата културна сцена.
Ќе ја паметиме по нејзините улоги, по силните и автентични интерпретации со кои ѝ даваше живот на секоја сцена, по нејзиниот препознатлив глас и достоинствена појава. Со својот талент, посветеност и професионализам, таа остави длабок и траен белег во македонскиот театар, филм и телевизија, вградувајќи се во темелите на современата македонска култура.
Од име на Министерството за култура и туризам и од мое лично име, изразувам искрено сочувство до семејството, колегите и сите почитувачи на нејзиното дело.
Нејзиното творештво ќе остане трајна вредност и инспирација за идните генерации.“
Колегите од Македонскиот народен театар во телеграмата споделија сеќавање на долгата кариера на Ленче од самите нејзини почетоци во 1965 година со зборовите: „Израсната и оформена како актерка во нејзиниот Драмски театар, Ленче Делова во текот на својата неколку децениска актерска кариера покажа како лирската прецизност може да остане траен спомен и четиво за иднината.
Со широкиот дијапазон на улоги од комика и гротеска до драма и трагедија, ја покажа нејзината способност наизглед споредниот лик да го претвори во движечка сила на сцената. Сето тоа, акцентирано со нејзината насмевка и топол поглед.
Нејзинатата уметничка дарба и сценска посветеност оставија траен белег во македонскиот театар и во срцата на сите што имаа чест да соработуваат со неа. Ќе остане запаметена како тивка сила на сцената и како уметник со редок интегритет и во театарот и на телевизија.
Нејзиното отсуство е ненадоместлива загуба, а нејзините дела – светол патоказ за идните генерации“.
Од ансамблот на Албанскиот театар – Скопје колегите изразија искрено сочувство по повод загубата на истакнатата македонска актерка Ленче Делова: „Нејзиниот исклучителен уметнички придонес ќе остане трајна вредност во театарската уметност и културниот живот на нашата земја. Ќе ја паметиме по нејзината посветеност, талент и човечка топлина, кои оставаа длабока трага кај сите што имаа чест да ја познаваат и да соработуваат со неа. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејството, колегите и сите што ја сакаа и почитуваа“.
Во телеграмата пристигната од колегите од Театар за деца и младинци се вели дека ѝ оддаваат почит на уметницата која остави значаен белег во македонскиот театар, филм и телевизија: „Со децении активно присутна на сцената, таа беше дел од бројни претстави и остварувања што ја обележаа современата културна продукција и допреа до повеќе генерации публика“.
На комеморацијата последен поздрав кон колешката со која ја делел сцената над четириесет години, упати актерот Благоја Чоревски. Тој во своето емотивно обраќање пред присутните се потсети дека со Ленче се дружеле и настапувале заедно во драмски аматерски претстави уште од својата рана младост. Во навраќањето на тие денови, тој ја сподели радоста и ентузијазмот на нивното гостување на Хвар, на фестивалот на „Југословенски театарски аматерски групи“, на кој Ленче ја освоила својата прва актерска награда на возраст од само 14 години.
Во името на македонското глумиште и колективот на Драмски театар на комеморацијата се обрати директорот Роберт Вељановски потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот која нè плени со секоја нова изведба на театарските сцени. Тој замоли со силен аплауз, единствената почит со која се искажуваат најсилните емоции, да се простиме од големата уметница, актерката Ленче Делова и воедно да се потсетиме на нејзината најголема поддршка и на сцена и во семејството, нејзиниот починат сопруг Урош Делов – Руше. Тој беше голем познавач на „театарската светлина“ и расветните тела потребни за доловување на магијата на сцената и обучувач на генерации осветлители и мајстори на светло во Драмскиот театар.
Македонската актерка Ленче Делова беше погребана во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.
Нека ѝ е вечна слава!
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.

