Култура
Промоција на книгата „Во потрага по Роберт Џонсон“ на Питер Гуралник
На 22 февруари, со почеток во 20 часот, во Клуб-ресторанот МКЦ ќе се одржи промоција на музичката биографија „Во потрага по Роберт Џонсон“ на американскиот автор Питер Гуралник, а во издание на издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје.
Роберт Џонсон е еден од најпознатите и сигурно најславниот меѓу сите рурални блузери. Како што вели популарната легенда за него, тој си ја продал својата душа на ѓаволот една ноќ на некој крстопат во Мисисипи во замена за вештини за свирење гитара. Веројатно неговата музика и свирење им се чинеле толку недостижни и како да не се од овој свет, поради што за него се плеткале приказни за спогодбата што била направена. Џонсон бил фантом кој талкал по САД каде што настапувал по разни фарми, клубови, ресторани, веселби, без многу да се знае за него. За време на својот краток, но бурен и динамичен живот, сè што оставил зад себе се снимени 29 песни и многу митови и легенди.
За многумина, тој е најголемиот блузер на сите времиња, односно се смета за таков од страна на модерната популарна култура. Со самото тоа тој си обезбедил свое место во пантеонот на музичките легенди, но неговото влијание било огромно и не било ограничено на блузот, туку допрело до сите популарни жанрови денес, повеќе од која било друга блуз фигура. Од неговата музика, покрај блуз музичари кои ги свиреле неговите песни како Мади Вотерс, Елмор Џејмс, Хаулин Вулф и многу други, негови песни се снимени и од плејада популарни рок-музичари од Ролинг Стоунси, Ерик Клептон, Лед Цепелин, Ред хот чили пеперс, Боб Дилан, Питер Грин, Касандра Вилсон, Дорс, Вајт страјпс.
Од времето кога починал на 27 години во 1938 г., разни колекционери и луѓе трагале по информации и сведоштва за неговиот живот и музика. Питер Гуралник е еден од тие кои трагале по неговата оставштина и своите искуства ги ставил во оваа книга. Гуралник е еден од најпознатите американски музички автори и историчари со книги кaкo Last Train to Memphis: The Rise of Elvis Presley, Dream Boogie: The Triumph of Sam Cooke, Sweet Soul Music: Rhythm and Blues and the Southern Dream of Freedom и многу други. Соработувал и со режисерот Мартин Скорсезе на неговиот серијал документарни филмови за блуз музиката.
Преводот на книгата е на Ненад Георгиевски, а промотор на промоцијата ќе биде архитектот, фотограф и колекционер на музика, Ангел Ситновски. На промоцијата ќе настапи и познатото блуз дуо In the Mood во чиј репертоар се застапени многу од песните на Џонсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

