Култура
Промоција на книгата „Картографирање на себеси“ од Славица Гаџова-Свидерска во КИЦ на РСМ во Софија
Денеска, од 18:30 часот, во КИЦ на Република Северна Македонија ќе се одржи промоцијата на книгата „Картографирање на себеси“ од македонската поетеса Славица Гаџова Свидерска. На вечерта, посветена на преведената и наскоро издадена книга на бугарски јазик од Издавачката куќа „Ерго“, ќе говорат: издавачот Мартин Христов, преведувачката Поли Муканова, писателот Владимир Левчев, како и самата авторка – Славица Гаџова Свидерска.
Накратко за „Картографирање на себеси:
Во прекрасните стихови со кои Славица Гаџова Свидерска се картографира себеси , го откриваме целиот свет: од „Охридска“ до „Африканска“ и до „Арктичка“ стихотворба, од домашните архиви на телата до скривалиштата на стравот. Свидерска е македонска, но и космополитска поетеса со неповторлив творечки ракопис. Лесно и непринудено таа постигнува завидна длабочина и висок квалитет во својата поезија. Секоја стихотворба во оваа книга е откровение. (Владимир Левчев)
Издигајќи го својот моќен, бескомпромисен глас против секакви варијации на „политиката на стравот“, авторката успева да го закотви и победи стравот, не со очај, бегство или пренебрегнувачки однос, а преку создавање на мирно, спокојно, сигурно, скоро магиски заштитено катче. Имено во тоа циклично повторување на почетокот и крајот е исходот, спасението од ирационалниот страв во овој свет овде и сега. (д-р Лидија Капушевска–Дракулевска)
За Славица Гаџова е многу важно индивидуалното, интимното доживување на спознанието, пронижано од номадски експедиции, а токму такви експедиции даваат дополнителна сила, камчињата во компонирањето на мозаикот, уше една оптика во издвојувањето на предизвиците кои ни ги нуди животот и кои необично го освежуваат духот. (д-р Звонко Танески)
Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола) е македонска поетеса, преведувач, есеист, литературен теоретичар, доктор на филолошките науки. Ги има издадено стихозбирките „Бескрајност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), и „Тела“ (2016). Автор е и на научните монографии: Литература и дискурси на власта“ (2013), „Литература и политичко насилство“ (2018), како и на литературно-филозофските есеи „За смислата и апсурдот“ (2017). Носителка е на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (2012), „Ацо Караманов“ на „Карамановите поетски средби“ (2016), „Орфеева лира“ на престижниот фестивал за поезија „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019). Во 2022 година на добива наградата „Македонска литературна авангарда“ за книгата „Политики на стравот“ (2021). Нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски, и албански.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.