Култура
Промоција на книгата „НУ Библиотека ’ Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од Милчо Јованоски
Во рамките на општинската програма „Деца сме на Климента“ утре – четврток , 4 декември од 11 часот во големата сала на Општина Охрид ќе биде промовирана книгата „НУ Библиотека ‘ Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од м-р Милчо Јованоски во издание на Библиотеката.
Авторот, м-р Јованоски, во неа ги вклопил новите истражувања сврзани со животот и делото на Прличев, напишани во новинарски манир кои се движат по линијата на книжевното и публицистиката.
Оваа „книжевна читанка“ е прва во издание на Библиотеката, паралелно напишана на македонски и англиски јазик и истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Таа, пред сѐ им е наменета на странските гости на Библиотеката, но и градот.
Утре книгата ќе ја промовира проф. д-р Зоран Тунтев. На настанот ќе говори и Христина Трпеска, директорка на охридската Библиотека а се очекува да се обрати и претставник на Општина Охрид.
„Не случајно книгата се промовира на празникот на градот. Позната е длабоката и континуирана духовна врска и влијание која св. Климент ја имал врз охридскиот поет и преродбеник Прличев. Но и Прличевата голема љубов и познавања на Климентовото дело опишано и во „Словото за Климента“ кое го одржал пред охриѓани во далечната 1867 година. Прличев со своите дела оставил неизбришлива трага во вкупната меморија на луѓето и тлото до каде што стапнал. Од Охрид до Атина, Софија, Солун и пак Охрид. Воздигнат до Хомера, нападнат од мнозина. Болен не само физички туку и во душата. Вљубеноста во родниот Охрид била дотолку голема што градот го нарекувал „таткојна“. Тоа доволно сведочи за него и односот кон сограѓаните, градот и дојденците“, се вели во најавата.
Паралелниот текст од македонски на англиски го преведе д-р Габриела Неделкоска, отпечатена е во Ирис – Струга во тираж од 200 примероци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложбата „Кој кого жени?“ од Хрватска гостува во Музејот на македонската борба за самостојност
Изложбата „Кој кого жени?“ на Замокот Тракошчан од Република Хрватска, ќе гостува во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
Свеченото отворање е на 4 декември 2025 (четврток) во 13 часот, a тематски фокус на изложбата е придонесот и значењето што го имале благородничките во хрватското општество и во нивните семејства.
Македонската публика има можност да ја види оваа изложба до 11 јануари во галерискиот простор на првиот кат од музејот.
Гостувањето е резултат на соработката меѓу институциите и е воедно поттик за продлабочување на културните врски меѓу двете земји. Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
Култура
„Зимски Македокс“ на „Синедејс“
Фестивалот на креативен документарен филм со настанот „Зимски Македокс“ ќе гостува во програмата на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, кој од 3 до 10 декември ќе се одржи во МКЦ и во Кинотеката. Од 5 до 7 декември, во рамките на програмата на 24. „Синедејс“, ќе биде прикажан избор на долгометражни победници од 16-тото издание на фестивалот „Македокс“.
Програмата на „Зимски Македокс“ е составена од три наградени документарни остварувања. На 5 декември, во 19 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Ниедна друга земја“ на Басел Адра, Хамдан Балал, Јувал Абрахам, Рејчел Зар. Влезот на филмот е слободен.
На 6 декември, во 21 часот, во МКЦ – Денсинг салата, ќе биде прикажан филмот „Фиуме или смрт!“ на Игор Бежиновиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
На 7 декември, во 20 часот, во Кинотеката на РСМ, ќе биде прикажан документарниот филм „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ. Билетот за проекцијата чини 200 денари.
Настанот „Зимски Македокс“ е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и од платформата Movies that Matter.
Култура
Македонскиот виртуоз на виолина Владимир Костов и камерниот оркестар „Профундис“ ја носат магијата на Candlelight во срцето на Битола
Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември кога ќе се одржи првиот концерт Candlelight во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамките на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: St. Paul Suite од Густав Холст, Четири годишни времиња од Антонио Вивалди и Македонско капричо бр. 1 од Драган Шуплевски.

„Овој концерт е особено значаен затоа што првпат ја носиме уникатната атмосфера на концертите Candlelight во Битола. Под светлината на свеќите музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно избрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло“, изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, „Концертхаус“ – Виена, „Линколн центарот“ – Њујорк, Универзитетот „Харвард“ и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на Candlelight – концерт на свеќи, е светски признат тренд, кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиваат просторот во топол сјај создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината, која ја приближува публиката до суштината на музиката.

