Култура
Промоција на книгата „Чаша чај од смртен грев“ од Верица Ацеска
Промоцијата на третата книга на писателката Верица Ацеска „Чаша чај од смртен грев“ ќе биде организирана вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар (Галерија) во Скопје. Оваа книга доаѓа по одличните „19“ и „Паралел“, двете објавени од „Прозарт медиа“.
На настанот ќе говорат/читаат проф. д-р Ана Стојаноска и Стеван Ацески.
Психолошкиот реализам, или поточно, книгите со комплексно напишани карактери и сериозно конструирани приказни се реткост во нашата книжевна практика. Особено ако се фокусирани да ја истражат човековата природа во детските светови, во возрасните, остварени личности или, пак, во обременетата од животни искуства лична визија за светот и животот во него. Прецизните психолошки карактеризации, заводливите текови на заплетите и притоа лесната читливост што ве тера да ја „издолжите“ книгата за уште некое поглавје повеќе, се главната карактеристика на третата прозна книга на Верица Ацеска. Влезе ненаметливо на нашата книжевна сцена со ‘женската’, разговорлива новела насловена „19“, си го освои местото со ‘Паралел’ (неверојатно зборопривлечна за консумирање, во која ликовите најобјективно нè соочуваат со сопствената реалност, низ принципите на филмската наративност) и сега се потврдува како сериозна писателка со „Чаша чај од смртен грев“.
„Чаша чај од смртен грев“ е комплексен и истовремено едноставно напишан роман, во кој авторката, онака како што им успева само на малкумина, мошне лесно ја води приказната од една наративна точка до друга, притоа „заведувајќи“ нè нас читателите со леснотијата на читањето на една исклучително тешка тема поврзана со децата, детството, саканите и несаканите деца, малтретираните деца, децата чие детство не им помага во светот кога ќе пораснат и остарат, ниту им го менува животот токму поради тие детски трауми. Колку и да ве заведува лесното читање, оваа книга е сè само не лесна. Авторката, на рамниште на одличен познавач на човековата природа нè води низ сериозните, клучните животни процеси на неколкуте главни ликови, сите централно поставени околу ликот на Тања, младата жена, професорка по физика, што на почетокот на книгата ја запознаваме и преку нејзината најрана младост, првата љубов и истовремено случените настани, но и оние потенцијалните, никогаш нереализирани. Од првата до последната средба со Тања ние, како читатели, нејзиниот лик го гледаме јасно пред нас, што е исклучителна одлика на авторката и дури и не сакаме така да заврши нејзината сторија. Наспроти комплексниот заплет поврзан со најинтимната семејна тема – станувањето родител, авторката ни презентира дијапазон на одлично креирани ликови, посебно за мене е ликот на Велко.
Повторно, ставајќи ги ликовите во контекст, Верица Ацеска, како и во претходните свои книги, останува доследна на тоа дека секој од нас има причина за своето однесување и дека таа причина е најчесто во нашето детство. Поточно во некоја од траумите на нашето детство. Сите ликови ни се блиски, посебни, човечни и истовремено богати и комплексни. Тоа е можеби главната одлика на пишувањето на Верица Ацеска – на едноставен начин, најчесто не многу обемно (по број на страници), да ги пренесе неверојатно комплексните човекови судбини.
Издавањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

