Култура
Промоција на корејската култура преку мини-ревија на три јужнокорејски филма
Корејската амбасада во Бугарија, во соработка со Корејската фондација и Кинотеката на Македонија, ве покануваат на промоција на корејската култура преку мини-ревија на три јужнокорејски филма. Свеченото отворање ќе се одржи во 19 часот, во Кинотеката на Македонија. Ревијата ќе почне со проекцијата на „Таксист“ (2017 г.) на режисерот Јанг Хун. Во продолжение истата вечер, од 21: 30 часот, ќе биде прикажан и „Кундо: доба на разбојници“ (2014 г.), во режија на Јун Џонг-бин.
Љубителите на јужнокорејските филмови в сабота, во 14 часот, ќе имаат можност да го погледнат и „Госпоѓица бабичка“ на Хванг Донг-хиук.
Билетите за проекциите се бесплатни и може да се резервираат од 16 до 19 часот на билетарницата на Кинотеката на Македонија на 02 3065968. Резервираните билети ќе може да се подигнат 15 минути пред почетокот на проекцијата.
ДЕНОВИ НА ЈУЖНОКОРЕЈСКИ ФИЛМОВИ
02 НОЕМВРИ, 19:00 Ч.
ТАКСИСТ
(Taeksi woonjunsa /A Taxi Driver)
Игран филм, Јужна Кореја
2017 г., 137 мин., колор, ДСП
Режија: Јанг Хун (Jang Hun)
Сценарио: Еом Ју-на (Eom Yu-na)
Улоги: Сонг Канг-хо, Томас Кречман, Ју Хае-јин (Song Kang-ho, Thomas Kretschmann, Yoo Hae-jin)
Акционата драма е сместена во мај 1980 година кога еден таксист од Сеул добива понуда која изгледа премногу добро за да биде вистинита, или барем да помине без поголеми проблеми. Понудата е следна: ако превезе еден странец од Сеул до Гванџу и назад пред да започне полицискиот час, ќе му биде исплатена сума доволна да ги плати неколкуте заостанати месечни кирии.
Таксистот, без да се интересира за деталите, прифаќа и во неговиот автомобил е германскиот фоторепортер. Таксистот мотивиран од високата заработувачка по секоја цена се обидува да најде начин да ги заобиколи полициските блокади на Гванџу, каде што се одвиваат масовни антивладини демонстрации, и успева да влезе во градот. Вознемирен од опасната ситуација, таксистот го побрзува фоторепортерот да се вратат назад. Но, фоторепортерот не се обѕрнува на неговите молби, туку започнува да ги фотографира протестите, кои стануваат сè подраматични…
02 НОЕМВРИ, 21:30 Ч.
КУНДО: ДОБА НА РАЗБОЈНИЦИ
(Kundo: Min-ran-eui si-dae/Kundo: Age of the Rampant)
Игран филм, Јужна Кореја
2014 г., 137 мин., колор, ДСП
Режија: Јун Џонг-бин (Yoon Jong-bin)
Сценарио: Јеон Чеол-Хонг, Јун Џонг-бин (Jeon Cheol-Hong, Yoon Jong-bin)
Улоги: Ха Џунг-ву, Ганг Донг-вон, Ли Сунг-мин (Ha Jung-woo, Gang Dong-won, Lee Sung-min)
Сторијата на историската драмска акција е сместена во 19 век, на залезот на ерата на династијата Јосеон, турбулентен период полн со социјални немири. Поради постојаните природни катастрофи и слабите жетви, сиромаштијата, гладот и смртта се раширени. Група борци наречени Кундо се креваат против неправедното и корумпирано благородништво, чиј интерес е постојано збогатување на плеќите на сиромашните.
Борците на Кундо се своевидна азиска варијанта на Робин Худ и длабоко се уверени дека нивната кауза е поважна од нивните животи. Ги напаѓаат корумпираните службеници, им ги одземаат парите и стоката, а потоа ги делат на сиромашните и ранливите групи граѓани. Во таква атмосфера се случува личната драма на Џо Јун, кој е вонбрачен син на богат благородник и слугинка (што во феудална Кореја значело, практично, робинка). Бидејќи неговиот биолошки татко и неговата сопруга немале деца, тие го довеле Јун во нивниот дом на негова десетгодишна возраст, но подоцна маќеата раѓа син.
Борејќи се да го добие татковото признавање како законит син и наследник, Јун добива вистинска прилика кога група крадци го убиваат неговиот полубрат. Бидејќи е вешт мечувалец, Јун решава да ги ограби сиромашните за да стекне поголемо богатство. Но, не застанува на тоа: неговата следна цел за убивање е бремената сопруга на полубратот, чие дете може да му го одземе приматот како наследник…
03 НОЕМВРИ, 14:00 Ч.
ГОСПОЃИЦА БАБИЧКА
(Soo-sang-han geun-yeo/Miss Granny)
Игран филм, Јужна Кореја
2014 г., 124 мин., колор, ДСП
Режија: Хванг Донг-хиук (Hwang Dong-hyuk)
Сценарио: Хванг Донг-хиук, Хонг Јун-јеонг (Hwang Dong-hyuk, Hong Yoon-jeong)
Улоги: Шим Еун-киунг, На Мун-хи, Парк Ин-хван (Shim Eun-kyung, Na Moon-hee, Park In-hwan)
Сторијата на оваа драмска комедија, која била огромен хит во кино-салите во Јужна Кореја со речиси 9 милиони продадени билети, говори за неочекуваната трансформација на 74-годишна вдовица. Таа живее со синот и снаата: колку што е горда на професионалните успеси на синот, кој е универзитетски професор по геронтологија – наука за културолошкиот, социјалниот и биолошкиот аспект на стареењето – толку не се согласува со депресивната снаа.
Еден ден нејзината снаа ненадејно колабира, сместена е во болница, и советот на лекарите е да живее одвоено од свекрвата. Синот ѝ соопштува на мајка си дека ќе мора да ја сместат во старечки дом. Таа разочарано шета по улиците и наидува на едно мистериозно фотостудио, во кое тврдат дека можат да ги доловат моментите од младоста. Жената се фотографира, мислејќи дека тоа ќе биде сликата за нејзиниот надгробен споменик, но кога ќе излезе од студиото сфаќа дека е е млада, 20-годишна девојка!
Најпрвин се крие од семејството и го менува името во О Ду-ри (Oh Doo-ri), корејска варијанта на Одри Хепберн (Audrey Hepburn), нејзината омилена глумица. Заплетот допрва започнува бидејќи Одри му се приклучува на хеви-метал бендот на нејзиниот внук…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

