Култура
Промоција на романот „Мина“ од Игор Анѓелков
Утревечер, петок, 15 септември, со почеток во 19 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, ќе се одржи промоцијата на романот „Мина“ од Игор Анѓелков. Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Максим Ристески, кои низ разговор со авторот ќе се обидат да дојдат до суштината на ова дело, кое беше објавено во мај како 222. издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Ова е шеста прозна книга на писателот, а негов четврти роман.
Промоцијата е воведен настан на фестивалот „Арт ареа“, кој за време на викендот нуди и други возбудливи книжевни доживувања.
„Се обидов да напишам роман што ќе биде голем како и самиот живот. За таа цел се повикав на сеќавањата, кои се најповикуваното и најпосакувано задоволство за писателите. Тие ми помогнаа да антиципирам еден книжевен став за некои минати времиња, кои ги детерминираат овие во кои живуркаме денес и овде. Како централен лик зедов ав жена борец, која всушност е комплетен аутсајдер, но јас верувам во моќта на малиот човек бидејќи не секогаш низ книжевноста и уметноста мора да се третираат приказните на значајните историски фигури или личности од нивната блиска околина за да се пренесе одредена книжевна вистина. Паралелно со ова, во книгата се одвиваат и размислувањата за тоа што значи да се биде писател денес и овде, во овој контекст во кој живееме, а самата книжевност е прекрасна платформа за тоа бидејќи таа остана последниот бастион каде што слободно може да се трага по вистинската вистина“, вели Игор Анѓелков.
„Покрај мотивските автобиографски поклопувања, од една страна, и автопоетичките промислувања, од друга, она што останува како константа е дека во ‘Мина’, Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една пригода го означивме како непретенциозен стил, кој ‘едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска’. Со здрава доза фантазија, свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација“, рече Ана Мартиноска.
„Романот „Мина“ е граден на слоеви од портрети, конкретни/лични и апстрактно-општи (во смисла на заеднички), органски, но неслеано поврзани: на Мина (баба на авторот), чиј еманципаторски потенцијал се потрошил во мал круг луѓе само поради околностите; на идеалниот писател, односно на суштествените паралелизми што ги поврзуваат сите книжевни автори; на времињата што авторот ги живеел или ги знае поинаку… Процесот низ кој настанува овој роман е нов роман, пишува Игор, кој иако прави експеримент (не поради самиот експеримент), прецизно цели според препораката на Е. А. По, дека при структурирањето на едно книжевно дело треба да се тргне од крајот, односно од расплетот“, рече Максим Ристески.
Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер-студиите на медиуми и комуникации на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе две и пол децении активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, уметноста… Неговите текстови може да се прочитаат на www.herojnaedenden.mk. Официјалното книжевно деби го имаше со збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), a потоа следуваа и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020) (последните два беа финалисти за „Рациновото признание“). Минатата година ја објави збирката раскази „Двојна експозиција“ (2022). Анѓелков зад себе има и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015, Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“), „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.