Култура
Публикација – „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“

Во публикацијата со наслов „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“ добиените резултати од истражувањето ја потврдуваат лошата социо-економска положба на новинарите и на медиумските работници, потребата од подобрувања во работничките права, синдикалното организирање и безбедноста, како и неопходноста од дополнителни мерки и активности за унапредување на родовата еднаквост во медиумите.
– Новинарите и медиумските работници се наоѓаат во исклучително неповолна социо-економска положба и половина од нив размислуваат да ја напуштат професијата.
– Новинарите и медиумските работници својата професија ја доживуваат како сигурносно ризична и стресна, а дополнителен висок ризик во нивната работа се и психолошкиот замор и стрес. Нешто повеќе од една третина, односно 37 отсто од испитаниците, потврдиле дека примиле закани при работењето, од кои 36 отсто добиле закани посредно
– Новинарите и медиумските работници најчесто добиваат закани на социјалните мрежи, а најчести извори на закани се сопствениците на медиуми и уредниците, публиката (читателите, гледачите), бизнис-заедницата, власта и политичарите, како и полицијата.
Главни причини на непријавување на заканите се: недовербата во судството, полицијата и обвинителството, а дел од нив и поради чувството на страв и несигурност.
– Новите дигитални платформи за јавно информирање, покрај позитивните аспекти, донесоа дополнителни притисоци врз новинарите и медиумските работници, како што се проширување на работното време и изложеност на онлајн закани и напади.
Речиси една третина од испитаниците повремено добиваат барања за извршување работни задолженија надвор од работното време, а повеќе од една третина потврдиле дека работат над 40 часови неделно.
– Родово сензитивниот пристап не е целосно интегриран во работата на редакциите, во голем број медиуми нема внатрешни политики и процедури за вградување на родовата димензија и се потврдува потребата од дополнителни мерки, обуки и едукација на оваа тема.
Потребни се засилени активности на медиумите (сопствениците, менаџментот) за подобрување на социо-економската положба на новинарите и на медиумските работници, во форма на различни социјални мерки, бенефиции, исплати на прекувремената работа, осигурувања од ризик, како и фондови за подобрување на стандардот на вработените во медиумите. Особено важно е да се засили поддршката за безбедноста на вработените во медиумите, преку подготовка на информативни материјали, истражувачки студии на поспецифични случаи, тренинзи, обезбедување опрема, како и креирање и спроведување.
Публикацијата е достапна на македонски, албански и англиски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Националниот џез оркестар ќе гостува на фестивалoт „Сплитско лето“

Националниот џез оркестар ќе гостува на еден од најзначајните културни настани во регионот – фестивалот „Сплитско лето“. Концертот ќе се одржи на 30 јули, на величествениот Перистил во Сплит, во организација на Хрватскиот народен театар.
Овој концерт ја отвора новата сезона на интернационални гостувања за Националниот џез оркестар, со кои оркестарот ја зацврстува својата позиција на меѓународната музичка сцена преку иновативен пристап и силна уметничка визија.
Публиката во Сплит ќе има ретка можност да ужива во уникатна програма што го поврзува современиот џез со традиционалното португалско фадо – во изведба на Националниот џез оркестар и извонредната вокалистка Мариа Мендеш, под диригентство на маестро Владимир Николов.
Соработката на Националниот џез оркестар со Мариа Мендеш започна со незаборавниот концерт во Скопје, во март оваа година. Вечер што нежно допре до публиката, благодарејќи на внимателната и чувствителна изведба која создаде посебна атмосфера.
Настапот на „Сплитско лето“ носи повеќе од музика – тој е израз на културна размена, меѓународна поврзаност и внимателно претставување на македонската уметничка сцена пред европската публика.
Култура
Две нови фестивалски селекции во Италија за „Јон Вардар“

Македонскиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува со успешното фестивалско патешествие, со две нови селекции во Италија. Филмот ќе биде прикажан во главната програма на Ariano International Film Festival, каде што ќе има прајм-тајм проекција овој вторник, 29 јули, како и на International Tour Film Festival во Рим, во текот на октомври.
Двата фестивала имаат за цел да ја промовираат кинематографската уметност преку поттикнување на иновативни стилски пристапи и културна размена помеѓу различни народи и култури. Особено внимание се посветува на дела кои ја комбинираат уметноста со забава, едукација и современа визуелна експресија.
„Многу сум среќен што филмот продолжува да живее на фестивали низ Европа и светот. Италија е посебно значајна за мене, бидејќи е земја со богата традиција во анимацијата и филмската уметност. Овие селекции се уште една потврда дека и од малите земји можат да дојдат големи авантури,“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Овие нови селекции доаѓаат по италијанската премиера во мај на Cartoons on the Bay, најголемиот италијански фестивал за анимација, каде што „Јон Вардар против Галаксијата“ се натпреваруваше за Pulcinella Award, една од најпрестижните европски награди во областа на анимацијата.
Култура
Камерниот ансамбл „Консонанс“ настапи на Охридско лето

Камерниот ансамбл „Консонанс“ со концертот „Мозаик“ вчеравечер се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“.
Извонредните уметници, флејтистката Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ која свири на англиски рог, кларинетистот Здравко Ангелов, Сашо Темелковски на бас-кларинет и Дарко Илиевски на хармоника кои се и професионални музичари во Македонската филхармонија, ја збогатија фестивалската програма на класична музика со дела напишани од македонски композитори.
Концертната вечер започна со „Минијатури“ од Благој Цанев, припадник на четвртата генерација македонски композитори.
-Ова е посебно дело што сакам да го потенцирам бидејќи токму на вчерашниот концерт доживеа премиерна изведба во оваа верзија и за овој ансамбл. Композицијата „Минијатури“ е дело од македонскиот композитор Благој Цанев којшто почина пред пет години и оваа година, ние, на овој начин, јубилејно ја одбележуваме петгодишнината од неговата смрт изведувајќи го ова дело во овој состав. Инаку, аранжманот за овој состав го направи неговиот внук, Филип Иванов, којшто е исто така композитор, вели Маја Чанаќевиќ.
Второто дело што го изведоа уметниците од Консонанс ансамбл „Мозаик“ е посветено и напишано токму за овој состав од Филип Иванов, кој припаѓа на најмладата генерација македонски композитори. На концертниот репертоар беа уште неколку композиции од композиторот Дарко Илиевски кого публиката во црквата „Света Софија“имаше можност да го види со својата хармоника како дел од овој ансамбл.
-Дарко Илиевски свири хармоника, но е и композитор кој пишува прекрасна музика што се базира на македонскиот фолклор. Тоа не се аранжмани на македонски фолклор, туку комплетно нови композиции кои само се инспирирани од македонскиот фолклор, појаснува Чанаќевиќ.
Според неа, „Охридско лето“ преку застапеноста на македонските музичари и композитори на фестивалската програма покажува дека негува посебен однос и почит кон македонското музичко творештво.
-Фестивалот „Охридско лето“ за нас музичарите во Македонија претставува врвот на нашата кариера. Настапот на „Охридско лето“ и со Македонската филхармонија се врвот којшто може да го достигнеме во нашата држава и сме навистина пресреќни поради тоа што директорот на фестивалот Ѓорѓи Цуцковски и селекторката Симона Ѓорчева годинава ни ја дадоа можноста и нè поканија да учествуваме на 65-издание на „Охридско лето“. Со тоа, тие покажуваат посебен однос и почит кон македонското музичко творештво, значи, не само кон македонските музичари, туку и кон македонското музичко творештво бидејќи на нашиот концерт беа изведени дела исклучиво од македонски композитори, додава Чанаќевиќ.
„Консонанс“, основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на своите почетоци беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој состав. Музичарите од ансамблот, кои имаат долгогодишно искуство, подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.