Култура
Реминисценции: изложба на цртежи на Страхил Петровски во Струмица
Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“, во соработка со кафе-барот „Нагоре“ во Струмица, како дел од неформалниот тековен концепт-проект #ЅидНаУметноста, оваа сабота, 27 јануари 2024 година, во 21 часот, ќе ја отворат изложбата на цртежи со наслов „Реминисценции“ на Страхил Петровски.
Митко Гогов, организатор на оваа серија изложби за колекцијата „Реминисценции“, ќе напише:
„Реминисцении“ содржи 12 дела, кои меѓусебно се надополнуваат, дејствуваат и го окупираат просторот со експресија, која е препознатлива во неговиот визуелен израз. Мрачни предели, брзи, храбри движења, перфекционистички минимализам, независно преку кои димензии и формат се изразува, спектарот не останува рамнодушен. Страхил Петровски комуницира интуитивно, жестоко, дури и сурово, структурата на неговиот ликовен јазик е впечатлива, иако дводимензионални, тие откриваат повеќе слоеви, просторни димензии, кои како камелеон се адаптираат во разни, по можност отворени, широки простори. Може да се почувствува инхалирање на космичкиот мир, а да се види конкретниот хаос, кој е во некоја неповторлива хармонија со линиите и потезите. Тој прави духовно поврзување и изнудува филозофско истражување и преиспитување на досега познатото апстракно, во контекст на задолжително присуство во сегашниот момент, притоа посегнувајќи кон реверзија, или како што кажува самиот наслов, реминисценции. Преку таквиот интимен однос со минатато лично и колективно, оваа изложба е пресек на времепловот, оска од која може да се види наназад, но и убедливо кон идните општествено психолошки расплети.
„Реминисценции“ претставува склоп од ангажирани микрокосмоси, длабоки како и самиот карактер на авторот, мистериозни и со силен интензитет на препознатливост. Со неговиот манир и начин на изразување тој гради кумулативна атмосфера, истовремено илузиорна и сеприсутна.
Роден 1974 година во Куманово, Република Македонија, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје.
Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитичките прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како доцент по предметите Фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје.
Досега реализирал повеќе од 20 самостојни изложби во Македонија и надвор, учествувал на повеќе од 80 групни изложни и добитник е на повеќе национални и меѓународни награди и признанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

