Култура
Реномираното меѓународно списание „Версвил“ објави тематски број „Поезија од Македонија“
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го посвети на современото македонско поетско творештво. Изданието е насловено „Поезија од Македонија“ и „Версвил“ го објави во пресрет на Струшките вечери на поезијата (СВП), а на покана на меѓународната редакција на списанието, негов уредник и автор на уводната реч е Иван Антоновски.
Во овој тематски број на престижното списание посветен на современата македонска поезија, автор во фокусот е токму добитникот на Златниот венец на СВП за 2023 година, академик Влада Урошевиќ. Притоа, се објавени два есеи на Урошевиќ од неговата книга „Виола арсеника: белешки за поезијата“, кои специјално за овој број на „Версвил“ се преведени на англиски јазик. Во истата рубрика во која според правилата на списанието се објавуваат исклучиво есеи што се однесуваат на поезијата е објавен текст и од универзитетскиот професор и поет, Владимир Мартиновски, во кој се споредуваат песни од македонскиот поет Матеја Матевски и јапонскиот поет Кобајаши Иса. Пред читателите на „Версвил“, поезијата на Матевски е претставена и претходно, во 2011 година, кога покрај Златниот венец на СВП, тој го доби и признанието „Восхитувачки поет“ што го доделува токму ова реномирано меѓународно списание.
Со по две песни во препев на англиски јазик, во бројот се претставени современи македонски поети со активен опус, кои имаат значајни творечки резултати и во 21. век: Михаил Ренџов, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Ристо Лазаров, Веле Смилевски, Раде Силјан, Катица Ќулавкова, Весна Ацевска, Зоран Анчевски, Бранко Цветкоски, Иван Џепароски, Славе Ѓорѓо Димоски, Братислав Ташковски, Јовица Ивановски, Виолета Танчева-Златева, Лидија Димковска, Никола Маџиров, Јовица Тасевски–Етернијан, Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Ива Дамјановски. Редакцијата на списанието има утврдени критериуми и за бројот на автори кои можат да бидат застапени во одделните броеви, а забележливо е дека овој број посветен на современата македонска поезија е едно од најобемните изданија на „Версвил“ објавени досега, при што зад објавените преводи и препеви се и потписите на над 25 преведувачи.
Последниве години „Версвил“ важи за едно од најрепрезентативните поетски списанија на глобално ниво, со соработници од целиот свет. Излегува два пати годишно во електронска форма, на англиски јазик, со строги критериуми за објавените рецензирани содржини. Седиштето на списанието е во Индија, а уредници на одделните броеви на покана на меѓународната редакција предводена од афирмираниот индиски поет Сонет Мондал се истакнати универзитетски професори, книжевни критичари и поети од различни земји. Од основањето на списанието во 2008 година наваму, тематски броеви се објавени само за француската, американската, австралиската, ирската, холандската, индиската, турската, унгарската и украинската современа поезија, по што следи објавата и на овој број посветен на македонската поетска реч.
Во „Версвил“, досега, одделни прилози имаат објавено повеќе добитници на Букеровата и на Пулицеровата награда, а имајќи ја предвид посветеноста на списанието на поезијата, посебно се претставени и неколку лауреати на Златниот венец на СВП.
Претходно, во ова реномирано списание, објавена е поезија во препев на англиски јазик и на неколку истакнати македонски поети.
Присуството на македонските автори во списанието е засилено од 2011 година, кога за уредник-консултант е избран и македонскиот поет и книжевен критичар Јовица Тасевски–Етернијан и воспоставена е соработка со македонското списание за литература, уметност и култура „Стремеж“. Овој тематски број објавен во август 2023 година е прво претставување на толкав број автори од Македонија во изданијата на „Версвил“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.