Култура
Ретроспектива на Манчевски и премиера на „Кајмак“ на „Софија филм фест“
Интернационалниот филмски фестивал во Софија претставува целосна ретроспектива на творештвото на македонски режисер Милчо Манчевски – неговите седум долгометражни филма и две од краткометражните дела.
Ова ќе биде бугарска премиера на неговиот најнов филм, „Кајмак“.
„Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е; и гледаш дека има луѓе што тоа го следат, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат“.
Милчо Манчевски е еден од ретките македонски режисери кој ја имал честа да бидат организирани десетина меѓународни ретроспективи на неговиот опус досега.
Манчевски ја има и честа да биде претседател на главното жири на 27. издание на фестивалот, кој се отвори синоќа и ќе трае до 31 март.
„Во последните неколку децении ‘Софија филм фест’ ѝ ги претставува на домашната публика делата на Манчевски, кои имаат извонредно влијание, демонстрираат мајсторско чувство за пресоздавање психолошки портрети и стануваат омилени на публиката. Годинава, одлучивме за овој режисер од светски ранг да ги претставиме ретроспективно неговите филмови“, соопшти Фестивалот.
Ќе бидат прикажани „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“, „Четврток“ и „Крајот на времето“. Сите филмови се добитници на фестивалски и други меѓународни награди.
Проекцијата на „Кајмак“ е на 18 март, а ќе присуствуваат и режисерот и дел од актерката екипа.
Манчевски последен пат гостуваше во Софија во 2020 за да го претстави „Врба“, кога доби и специјална награда на фестивалот.
Жирито предводено од Манчевски треба да го избере добитникот на главната награда на Фестивалот од 12 номинирани филма, а ќе бидат доделени и награди за најдобар балкански филм, за документарен филм, за бугарски краткометражен филм и за најдобар филм на младински теми. Главно мото на годишното издание на СФФ е зелената идеја за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на белите дробови на планетата Земја. СФФ ќе има свои изданија и во Пловдив од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април и во Бургас од 30 март до 7 април.
На почетокот на месецот „Кајмак“ ја освои специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, а магазинот „Лаксанте“ го оцени филмот со четири ѕвезди и напиша:
„Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија, која успева да го одржи формалното единство, без оглед на тоа дали влијае во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и суров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски“.
Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на „Фест“ во Белград, каде што сите три проекции беа однапред распродени, а актерката екипа од филмот, која присуствуваше на премиерата, доживеа огромен аплауз.
„Кајмак“ е седми филм на Манчевски и е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството. Беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.
„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТ, а поддржана од „Еуримаж“. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

