Култура
Рецитал на хармоникашот Филип Петрески
В понеделник, 16 мај, во Камерната сала на Филхармонијата, рецитал ќе одржи еден од најзначајните млади македонски хармоникаши – Филип Петрески. На програмата се дела од Золотарјов, Албениц, Семјонов, Дога, Зубицки и Пјацола.
Покрај Филип Петрески, ќе настапат и хармоникашите Христијана Матеска и Виктор Кулески, Александра Чуруковска (контрабас), Марија Ѓошевска (пијано) Марија Трајковска (виолина), Маријана Николовска (пијано) и Александар Поп – Христов (гитара).
Филип Петрески (1998) е роден во Прилеп, Македонија. Основното музичко образование го завршил во ООМУ „Ордан Михајловски-Оцка“ во родниот град. Своето образование го продолжил во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, во класата по хармоника на проф. м-р Зорица Каракутовска, во чија класа на Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ во Скопје дипломирал со највисока оценаcum laude.
Во текот на неговото образование Филип се закитил со голем број награди на разни државни и интернационални натпревари, а во меѓувреме редовно учествувал и на многубројни концерти и фестивали во Македонија и странство. Како солист гостин и член во разни камерни состави учествувал во повеќе манифестации, меѓу кои и меѓународниот проект WORLD ACCORDION DAY (6 Мај, Светски ден на хармониката), концерти организирани од Музичката младина на Македонија, фестивалот „Златна лира“, Musica Viva, Фестивал на младите хармоникаши, Вечер со звуците на хармониката, Филхармонија за Филхармонијата и други. Во 2015 година Филип се закитил со 5. место на еден од најпрестижните натпревари за хармоника – Castelfidardo во Италија, а истата година го промовирал македонското творештво на светскиот куп за хармоника Coupe Mondiale, кој се одржал во Турку – Финска со изведба на делото Dej-gi-di од композиторката Бете Илин. Во 2021 година се закитил со златен медал во Италија на 12. интернационален натпревар за хармоника ITALY AWARD, а континуирано на македонската музичка сцена го одржал својот прв рецитал со називот „Вечер со звуците на хармониката“ во Охрид, а со полурецитал настапил и на 61. издание на фестивалот Охридско лето на подиумот за млади.
Петрески е член на „Танго трио“, со кој редовно настапува на разни фестивали и манифестации на државно и интернационално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

