Култура
Романот „Англскиот пациент“ е најдобра книга што била добитник на Букеровата награда
Според гласовите на публиката, романот „Англискиот пациент“ од Мајкл Ондачи е прогласен за најдобра книга што била добитник на Букеровата награда во последните 50 години.
„Златна Букерова награда“ беше организирана за да се одбележи 50-годишнината од постоењето на наградата, која се смета за најреномирана во областа на книжевноста. Стручно жири најпрвин ги прочитало сите 52 добитници на наградата и одредило пет книги, по една од секоја деценија, кои беа ставени на јавно гласање.
Според изборот на жирито, покрај романот на Ондачи, беа номинирани и „Волчја аула“ од Хилари Мантел, „Месечев тигар“ од Пенелопе Ливли, „Линколн во Бардо“ од Џорџ Сондерс и „Во слободна држава“ од Видијадар Сураџпрасад Најпол.
„Ни за секунда не поверував дека ова е најдобрата книга на листата, особено бидејќи е во конкуренција со делото на Најпол, еден од мајсторите на нашето време, или со големо дело, како ‘Волчја аула’. Се сомневам и знам повеќе од другите дека веројатно ‘Англискиот пациент’ сè уште е маглива, со грешки во динамиката“, рекол Ондачи.
Романот на Ондачи освоил речиси 9.000 гласа од публиката. Претходните гласања за најдобрите Букерови добитници направени за 25-годишнината и 40-годишнината од постоењето на наградата ги доби Салман Ружди за романот „Деца на полноќта“.
Романот „Англискиот пациент“ од Мајкл Ондачи победи како најдобар добитник во деведесеттите години, а во 2017 година на македонски јазик го издаде „Три“ од Скопје. Се случува во Тоскана за време на Втората светска војна. Филмската адаптација на романот освои девет „Оскари“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

