Култура
Светската виолинистка Ванеса Меј ќе го отвори 59. „Охридско лето“
Mега популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј, на 12 јули во Античкиот театар во Охрид ќе го отвори 59. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Уметницата која го носи епитетот светско чудо ќе приреди спектакуларен почеток настапувајќи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет и под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров.
Како што најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, на речиси два месеца пред отворањето на фестивалот, со посветена и професионална работа се завршени подготовките во делот на програмата за 59-тото издание.
„Со гордост можам да најавам дека нè очекува уште едно успешно ‘Охридско лето’, богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат на фестивалската сцена каде што ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници, почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата ‘Св. Софија’, во црквата ‘Св. Софија’, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани“, најави Поповиќ.
Таа додаде дека посебно е задоволството што годинава оваа национална установа организира концерти преку целата година, што, според неа, претставува новина и нуди побогата и поквалитетна програма на фестивалот кој ги следи светските трендови, а истовремено ја продолжува и традицијата веќе 59 години.
Најавувајќи ги музичките настани на годинешното фестивалско издание, селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Васо Ристов, рече дека и годинава е предвидена квалитетна и атрактивна програма во текот на 40-те фестивалски денови.
„На претстојното издание на ‘Охридско лето’ ќе имаме учесници –уметници од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Би ги издвоил еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шаповалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија, која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е пијано-дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Посебно уметничко доживување за публиката ќе приредат извонредните словенечки уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек. Годинава во обемната програма со врвни уметници на ‘Охридско лето’ ја има и албанската флејтистка Јонела Големи. Публиката ќе ужива и во звуците на пијаното што ќе ги приреди светски познатата уметница Виолета Егорова од Русија, а концерт на фестивалот ќе одржи и нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Александер Гаџиев“, најави Ристов.
Музичката младина на Македонија и годинава, традиционално, ќе настапи на „Охридско лето“, а на фестивалската програма е и Македонската опера и балет со гала-оперски концерт под диригентската палка на Бисера Чадловска. Во соработка со амбасадите, ќе бидат организирани и традиционалните вечери на Европската Унија, полска вечер, украинска вечер….
„Посебен предизвик e изборот на концертот што ќе се одржи на 4 август по повод роденденот на фестивалот ‘Охридско лето’. Оваа година на роденденскиот настан ги имаме уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, виртуози на своите инструменти. Затворањето на музичкиот дел на 19 август ќе биде во знакот на jубилејот, 85 години од раѓањето на македонскиот композитор Томислав Зографски, на кој ќе настапат учесници на македонски уметници, докажани и етаблирани во својата професија“, најави селекторот на музичката програма Васо Ристов.
Теaтарскиот дел на „Охридско лето“, како што рече селекторот на драмската програма, Александар Поповски, во своето видеообраќање, годинава ќе биде посветен на човекот којшто е заслужен за генераци и генерации театарски уметници, драмскиот писател и драматург, покојниот Горан Стефановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

