Култура
Светска премиера на „Врба“ на Манчевски утре на фестивалот во Рим
Светската премиера на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ќе биде утревечер на Филмскиот фестивал во Рим, Италија, во рамките на третата фестивалска вечер.
Годинава, во официјалната програма на еден од најголемите фестивали во светот селектирани се 33 филмови, меѓу кои и „Врба“. Најавувајќи ја програмата, уметничкиот директор на фестивалот Антонио Монда го опиша филмот на Манчевски со зборот „прекрасен“.
„’Врба’ го означува враќањето во форма, големата форма на Милчо Манчевски, на кого се сеќаваме по ‘Пред дождот’ кој ја освои Венеција. Ова е уште еден прекрасен филм“, рече Монда.
Тој додаде дека годинашното 14. издание на фестивалот е во знакот на жената: елегантен и стамен, поими кои реферираат и на „Врба“, кој говори за мајчинство, љубов и доверба.
За „Врба“, првиот фестивалски ден во Рим почнува утре со утринската проекција за новинарите, следи прес-конференција со режисерот Манчевски и македонските актерки, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала премиерата со прошетка по црвениот килим.
На светската премиера ќе присуствува и Министерот за култура, Хусни Исмаили.
На 1.300 метри квадратни поставен е најголемиот и најдолг црвен килим во светот, кој води од главната авенија до фестивалските збиднувања во Аудиториумот Парко дела Музика дизајниран од Ренцо Пијано, а на него ќе поминат и актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.
На црвениот килим ќе продефилираат и Џон Траволта, Итан Коен, Бенисио Дел Торо, а на актерите Вајола Дејвис и Бил Мареј ќе им бидат врачени награди за животно дело.
Во Рим ќе дојдат и едни од најзначајните современи филмски режисери како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливие Асајас.
Фестивалот вчера го отвори најновиот филм на актерот и режисер Едвард Нортон со неговиот „Бруклин без мајка“ во кој играат Брус Вилис, Алек Болдвин и Вилем Дефо.
Фестивалот има челична програма оваа година, доволно е да се спомене најновото филмско остварување на Мартин Скорсезе, „Ирецот“ во кој играат актерските магови Ал Пачино, Роберт Де Ниро, Џо Пеши и Харви Кајтел, филмот „Џуди“ со Рене Зелвегер во режија на Руперт Голд, филмот „Даутаун Еби“ со Џим Картер и Елизабет Мекговерн, филмот за Павароти во режија на Рон Хауард, „Хаслерс“ со Џенифер Лопез…
Во селекција се влезени филмови од 25 земји од светот.
Специфично за Филмскиот фестивал во Рим е тоа што тој е повеќе од фестивал – тоа е голем културен настан, каде публиката има можност за директен разговор со најголемите режисери, актери и писатели. Исто така, паралелно со фестивалот има и голем филмски маркет за пласман на филмовите и склучување нови проекти.
„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



