Култура
Свечено доделени наградите на фестивалот „Актерот на Европа“
Синоќа во Преспа, пред зградата на Сарајот Ресен, свечено беа доделени наградите на најуспешните изведби од разни европски земји.
Фестивалот свечено беше отворен на 6 јули со врачување на наградата за животно дело „Актер на Европа“ на легендарната унгарска актерка Енико Есењи. По таа спектакуларна вечер, почна натпреварувачкиот дел на годишното издание на фестивалот.
Меѓународната жири-комисија во состав: Мето Јовановски, претседател, Назиф Услу (режисер од Турција), Елена Трајковска, актерка, и Атила Клинче, актер и универзитетски професор, донесе едногласна одлука:
– Наградата „Млада Европа“ му се доделува на меѓународниот проект под покровителство на УНЕСКО – „Среќата е нова идеја во Европа“, со учество на млади актери од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и од Македонија.
– Наградата „Жак Лакариер“ им се доделува на Кане Кампман и Брајан Мајкалс од Германија за претставата „Разоткривање на минатото – Комуникација во и за холокаустот“.
– Наградата за најдобар драмски текст мусе доделува на Гоце Ристовски за дуодрамата „9“.
– Наградата „Преспански Дионис“ ѝ се доделува на Наташа Петровиќ од Србија за претставата „Чучук Стана“ на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар.
– Награда за најдобра претстава во целина ѝ се доделува на претставата „Во името на таткото“, во продукција на Арт-театарот од Цирих, Швајцарија. Текст Ридван Дибра, режија Сулејман Рушити со актерот Даут Ахмети.
– Годишната наградата „Актер на Европа“ за 2023 година му се доделува на Слободан Маруновиќ, Црна Гора, за улогата во претставата „Последниот час на Његош“, работена по текст на Слободан Томовиќ, а во режија на Благота Ераковиќ, проект на Народниот театар од Подгорица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.