Култура
Свечено отворање на 45. издание на фестивалот Скопско лето со ексклузивен концерт на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звездан Ружиќ во Куршумли ан на 21 јуни

Повеќенаградениот хрватски пијанист и композитор Звездан Ружиќ ќе настапи на отворањето на Скопско лето.
Звездан доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“. Пијанотрон е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои Звездан свири со нозете. Накратко – Звездан е човек оркестар! Иако Звездан е академски џез-пијанист, тој го опишува „Пијанотрон“ како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно-музиката. Тој има соработувано со многу големи уметници, како што се: 2Cellos, Harlem Gospel Choir, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка и многу други. Со својата музика има настапувано во целиот свет: од Америка, Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со 2Cellos одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и на Нов Зеланд.
Неговите авторски албуми беа наградени со 5 престижни награди за дискографија „Порин“ (познато како хрватско „Греми“), а Хрватскиот музички сојуз 6 пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез-пијанист во Хрватска.
Звездан е официјален уметник за Yamaha Pianos за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментно живее и ја гради својата меѓународна кариера. На неговиот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звездан Ружиќ и неговиот „Пијанотрон“ ќе ја почестат публиката во Скопје со вечер за паметење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Премиера во Грузија на „Јон Вардар против Галаксијата“

Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на 5. издание на Striped Tale Animation Festival 2025, што ќе се одржи од 16 до 18 мај во Тбилиси, Грузија.
Фестивалскиот тим на својата веб страница го опишува филмот со следниве зборови:
„Вселенска зоолошка градина. Балкански хумор. Хаос на интергалактичко ниво. Јон Вардар против Галаксијата нè носи во една апсурдна мисија за спас на универзумот. Чудовишта, сатира и емоции се судираат во оваа забавна вселенска опера за сите возрасти. Научно-фантастична пародија со срце, вонземјани и автентичен балкански дух.“
Филмот досега имаше селекции на преку десет фестивали, од кои 5 се во А и Б листите на најдобри филмски фестивали во светот. Поддржан е од Агенцијата за филм.
Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.
Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди во рамките на 53. издание на Мајските оперски вечери

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).