Култура
Седмо издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“ во Струга
Седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short“, годинава ќе се одржи од 14 до 17 август во Струга.
Фестивалската програма и оваа година ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории и тоа регионална, меѓународна, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, во селекција на режисерот Иван Бакрач.
Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special” со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со „DocuFest“ од Косово и „Sarajevo Film Festival“ од Сараево.
Оваа година, во соработка со Еко-Свест ќе биде претставена и ревијална програма на филмови чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.

„Ако филмот е естетска креација, плод на колективен уметнички труд од различни умови, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, плод на подредувањето во универзумот кое овозможува многу различни умови, својот колективен труд наречен филм, да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија, необјасниво чувство на посебност за публиката и можност за размена на вистински вредности што остануваат врежани во колективната меморија. Денес, кога околу нас видливо недостасуваат едноставност, разбирање и мир, среќни сме што со специјалните мали нешта, наречени кратки филмови, придонесуваме во разубавување на времето во кое живееме. Кога светот е во опасност, убавината ќе го спаси. Кога реалноста натежнува, неопходна е убавина. Со нашето седмо издание, под мотото „Неопходна убавина“ ќе посакаме нашиот фестивал да биде само еден од многуте културни блесоци кои денес ни недостасуваат.“, велат организаторите на настанот.
Во музичката ОФФ програма, оваа година ќе настапат Фолтин, милениците на струшката публика, Rootboy со музичка селекција за капење на Дрим и за затворање на фестивалот диџеите Diah и Бодан Јамакоски.
Влезот за сите настани во склоп на Дрим Шорт е бесплатен. Целосната програма и саатница е достапна на социјалните мрежи и веб-страницата на Дрим Шорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ со почесна награда за визуелна имагинација во Кина
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ доби меѓународно признание во Кина, каде што беше одликуван со Почесна награда за Визуелна Имагинација во главната натпреварувачка селекција на Blue Planet Sci-Fi Film Festival.
Наградата ја доделува Организацискиот комитет на фестивалот и претставува признание за исклучителниот визуелен концепт и иновативниот пристап во градењето на изгледот на филмот. Blue Planet Sci-Fi Film Festival е меѓународен фестивал специјализиран за научна фантастика, со фокус на нови визуелни јазици, авторски израз и технолошки иновации во филмот и анимацијата.
Посебен придонес во визуелниот идентитет на филмот има арт директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, еден од најпрепознатливите македонски илустратори. Тхе Мичо е познат по својот уникатен стил кој често комбинира хумор и карикатурална динамика на ликовите, а неговите дела се изложувани и присутни во бројни меѓународни проекти и фестивали.
Режисерот и сценарист на филмот, Гоце Цветановски, изјави дека визуелниот пристап бил клучен уште од најраната фаза на развојот на проектот:
„Во овој филм свесно експериментиравме со различни анимациски техники. Нашата цел беше да ги приближиме 2D и 3D технологијата и да создадеме свет во кој коегзистираат повеќе визуелни естетики. Користењето на различни стилови беше планирано уште при самото пишување на сценариото, како дел од карактеризацијата на световите и ликовите.“
Ова е седма меѓународна награда за „Јон Вардар против Галаксијата“, кој досега беше прикажан на преку 40 фестивали.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Македонска премиера на филмот „Приказната за Силјан“ од Тамара Котевска
За денеска е закажана македонската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ од режисерката Тамара Котевска. Премиерата на македонскиот кандидат за Оскар ќе се одржи во Македонскиот народен театар од 20:30 часот.
На премиерата пред домашната публика, најавено е присуство на целата филмска екипа која работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографија.
Доказ за тоа се наградите што ги пронижа филмот на меѓународните фестивали и откупувањето на филмот од страна на National Geographic. Филмот досега доби голем број значајни и релевантни награди и номинации на фестивалот во Венеција, NYDOC, IDA, Spirit, PGA Award, Eye Cinema Audience Award и други.
„Приказната за Силјан” е филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Земјоделецот Николa случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
Култура
Спектакуларно новогодишно шоу во Дубаи со оркестрации и аранжмани на Џијан Емин
Под магичната купола на Ал Васл Плаза во Експо Сити Дубаи, на 20 декември 2025 година, се одржа спектакуларното новогодишно празнично шоу „Carols by Candlelight“, еден од најочекуваните празнични културни настани во официјалната програма на Експо Сити. Концертите започнуваа во 18:30 часот, а во рамки на проектот беа реализирани десет изведби, кои на посетителите од сите возрасти им донесоа радост, топлина и празнична магија.
Настанот се одвиваше на уникатната локација Ал Васл Плаза, каде публиката беше опкружена со импресивни 360-степени божиќни проекции, сценски ефекти и внимателно осмислена визуелна нарација. Мултимедијалниот спектакл беше збогатен со празнично пеење, танцови точки и живописни сценски појавувања, вклучувајќи и изненадувачки настапи на Дедо Мраз и Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засили празничната атмосфера, особено кај најмладите посетители.
На сцената настапи Симфонискиот оркестар Фирдаус од Дубаи, под диригентската палка на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчерска група и ансамбл од музичари, кои заеднички создадоа впечатливо концертно искуство со интерпретации на познати празнични и новогодишни композиции.
Аранжманите и оркестрациите за концертот ги потпишува македонскиот композитор и аранжер Џијан Емин, чиј авторски пристап ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.
„Оваа соработка со Експо Сити Дубаи не е прва. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Оваа година, целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар. Ова е уште еден плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи“, изјави Емин.
Продуцентот Мет Феди, пред преселбата во Дубаи, има богато меѓународно искуство и работел со музички имиња од светски калибар како Ени Ленокс, Стинг, Суперграс, како и со бројни други интернационално реномирани артисти, што на проектот „Carols by Candlelight“ му дава дополнителна уметничка и продукциска тежина.
Со ова трето по ред издание на „Carols by Candlelight“, Експо Сити Дубаи ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани, а учеството и креативниот придонес на Џијан Емин претставуваат значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа.

