Култура
Синдикатите со опомена пред тужба до Министерството за култура поради непочитување на Колективниот договор
Репрезентативните синдикати во културата, СКРМ и СОНК, испратија опомена пред тужба до Министерството за култура, поради прекршување на одредбите за плата од колективниот договор потпишан на 30 декември минатата година.
„Имено со член 130, одредбите за плата од членови 65 и 66 требаше да стапат на сила најдоцна до 1 јули, а според член 63 платата се исплатува најдоцна до 10 во месецот. Иако по состанокот во Владата на 6 јули, Министерството за култура на својата веб-страница објави дека ќе ги почитува одредбите и дури испрати и допис до институциите со налог за пресметка на платите согласно колективниот договор, сепак до ден денешен платата не е исплатена во институциите од културата“, велат синдикатите во допис до медиумите.
Оттука потсетуваат дека со член 131 од Колективниот договор за култура повеќе не важат одредбите за плата од досегашните колективни договори на ниво на установи така што не постои ниту една друга опција за законска исплата на платите во културата освен во согласност со граѓанскиот Колективен договор.
Велат дека членството на нивните синдикати одамна го изгубило трпението и повеќе не верува во способноста на Министерството за култура да ги почитува нивните работнички права.
„Речиси 20 години Министерството ги манипулира вработените, ги гази нивните права и тивко ја убива културата. Во 2020 година, во време на светска пандемија, Министерството за култура јасно го покажа своето вистинско лице и наместо како сервис на јавниот интерес во културата се покажа како негов гробар. Речиси 70 отсто од програмата на институциите не е реализирана поради тоа што Министерството не подготви протоколи ниту стратегија за функционирање. Уметниците и стручните лица се целосно блокирани во својата работа и своето творештво. Библиотеките, театрите, филхармонијата и НОБ се куќи на духови, а голем дел од музеите и центрите за конзервација едвај функционираат. Културата е речиси мртва и сега последниот удар доаѓа со непочитување на правата на вработените и прекршување на Колективниот договор“, велат синдикатите.
Тие го опоменуваат Министерството за култура дека доколку не го почитува договорот и најдоцна до 25 август не ги исплатат јулските плати, ќе почнат колективен судски спор согласно Законот за работните односи. Исто така, ги опоменуваат сите директори на институциите во културата дека доколку ги прекршат одредбите за плата од колективниот договор, исто така против нив ќе поведат индивидуални судски спорови. Синдикатите порачаа дека најдоброто решение е Министерството за култура да се вразуми и да не ја изложува државата на дополнителни трошоци во време на сериозна закана од економска криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

