Култура
Синдикатот на културата: Да се повлече предлог-законот за култура и да се почне со транспарентна процедура за нов
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) на прес-конференција обвини дека Министерството за култура изготвило нова нацрт-верзија на Закон за културата, во кој социјалниот дијалог со репрезентативните синдикати во културата е сведен на „осум дена за забелешки, мислења и предлози и доколку е потребно, состаноци за заедничка дискусија“.
Од Синдикатот бараат да се повлече предлог-законот за култура и да се почне со транспарентна процедура за нов, во кој ќе бидат вклучени и претставници од репрезентативните синдикати.
„Иако партнерски, искрено и конструктивно претходно договорени дека заеднички ќе учествуваме во изработката на новиот предлог-текст, кој сите ќе нè засега со години во иднина, нашите претставници, кои беа номинирани и доставени до Министерството за култура уште во февруари 2022 година, не беа повикани на ниеден состанок на работната група, која е формирана во април 2022 година. Впрочем, според нашите сознанија токму во овие моменти додека го држиме овој прес, се одржува еден од последните состаноци на работната група, на кој претставници на синдикатите повторно не се повикани.
Нетранспарентноста во донесувањето на Законот за културата од 2014 година од страна на претходната власт, но и неговата катастрофалната содржина, ги сплоти вработените во културата во еден чесен, искрен и одговорен синдикат, а тоа е Синдикатот на културата на Република Македонија, каде што императивот за нашата борба, покрај колективниот договор, стана нов и транспарентен Закон за културата.
Во годините што следуваа нашиот партнерски однос со Министерството за култура макотрпно беше граден преку процесите на нивелација и историскиот колективен договор, во кои активни фактори во нивната изработка постојано беа претставници на СКРМ. Наши претставници беа и дел од тимот што учествуваше во изработката на претходната предлог-верзија на Законот за јавен интерес во културата, која не помина на комисиската дебата во Собранието на РМ и според нашите информации, беше закочен со неколку илјади амандмани.
Повлекувањето на овој предлог-закон за јавен интерес во културата резултира со негово ревидирање од страна на работна група формирана од министерката за култура, која во новата верзија на законот ги отфрли речиси сите предлози на СКРМ што беа интегрирани во претходната верзија на законот.
И, така, повторно се вративме на старата пракса кога од трети лица дознавме дека без нас е изготвуван закон што ќе се однесува токму на нас. Преку целиот нетранспарентен процес на изготвување на предлог-текстот, кој суштински многу и не се разликува од скандалозниот закон од 2014 година и сам по себе заслужува посебна критичка прес-конференција, искрено и јавно се прашуваме дали некој намерно во тоа Министерство сака да го сруши партнерскиот однос, кој макотрпно го градевме толку време? Се прашуваме дали некој тивко и незабележно преку протнување на овој предлог-текст на закон се обидува да го саботира социјалниот дијалог? Се прашуваме дали не сме само ние жртва на нетранспарентноста на одредени поединци во Министерството за култура, туку и самата министерка како највисок претставник на власта во културата? Се прашуваме дали некој на мала врата и за ситни лукративни интереси сака сите нас повторно да нè врати онаму каде што бевме во 2014 година, па и пред тоа и да урне 6 години искрена и чесна соработка. Културата сме ние, а Министерството е сервис кој очигледно работи на наша штета, нè уназадува и ни го сопира напредокот.
Ја повикуваме министерката во знак на досегашниот коректен и партнерски однос да провери кој и зошто инсистира на штетниот закон од 2014 и ја урива праксата на квалитетен, европски принцип на социјално партнерство меѓу Министерството за култура и СКРМ, да го повлече овој предлог-закон и да почне транспарентна процедура за нов, во кој ќе бидат вклучени и претставници од репрезентативните синдикати.
СКРМ отсекогаш настапувал чесно и транспарентно и останува лојален партнер во фер, транспарентен и коректен социјален дијалог, но на секое отстапување од утврдената пракса ќе реагира соодветно, во насока на заштита на сите свои членови, но и фактори на процесите во културата“, истакнаа од Синдикатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

