Култура
Синергијата и промоцијата како клучни двигатели на креативниот туризам во руралните средини
Во рамки на скопската недела на дизајнот (Skopje Design Week 2025), настан кој прерасна во есенцијална платформа за визии и прогрес на креативните индустрии, за взаемен бенефит на културата и економијата, меѓудругото, се одржаа Конференцијата за развој на туризмот и Работилницата за креативен туризам, со учество на министри, експерти, локални иницијативи и претставници од туристичкиот и креативниот сектор.
Главната порака од настаните беше јасна: синергијата меѓу институциите, локалните заедници и приватниот сектор, заедно со современа промоција и видливост на локалните приказни, е предуслов за одржлив развој на туризмот, особено во руралните средини.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека автопатот Е-75 треба да стане „коридор на култура, инспирација и развој“, поврзувајќи ја инфраструктурата со креативноста. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски додаде дека државата работи на воведување „смарт автопат“, прв во регионот, како поддршка на туристичките текови и достапноста на дестинациите.
Преку панелот „Креативен туризам и одржливи зелени практики“ беа презентирани успешни локални примери како Spirit of Prespa, Sherpa Horse Riding и Билки лајф, кои ја демонстрираат моќта на автентичните приказни, учеството на заедниците и креативниот пристап во туристичката понуда.
Во рамки на конференцијата беше најавена и учеството на Македонија на ЕКСПО Белград 2027, каде комесарот Александар Велиновски го претстави иницијалниот модел на македонскиот павилјон – простор што ќе ги
обедини природата, културата, гастрономијата и туризмот во современ концепт на национална презентација.
Настаните заклучија дека креативниот туризам е економија на приказни, а за негов развој е потребна координација, промоција и заедничка визија. Со здружени напори и современ пристап, Македонија има потенцијал да го претвори својот рурален пејзаж во мрежа на доживувања што ги спојуваат природата, културата и луѓето – токму она што современиот турист најмногу го бара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

