Култура
Синот на Аки Рахимовски заедно со министерката за култура ја посети Спомен-куќата на Тоше Проески
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и Кристијан Рахимовски, синот на неодамна починатата музичка легенда Аки Рахимовски, во Крушево му оддадоа почит и евоцираа спомени за уште едно големо име на македонската поп-музика, Тоше Проески.
„Тоше и Аки беа пријатели и вистински амбасадори на македонската култура. Наша должност е нивното дело да го чуваме и да го афирмираме како што тие несебично ја промовираа македонската култура на секој свој јавен настап“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Кристијан, и самиот музичар, ја запозна министерката Костадиновска-Стојчевска со својата професионална кариера, која, како што рече тој, е под силно влијание од татко му. Кристијан во татковината на Аки доаѓа по 35 години и, освен во Крушево, престојува и во Скопје запознавајќи ги градот и улиците од детството на својот татко, како и неговите пријатели. Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази жалење за смртта на Аки и порача дека тој и неговиот „Парни валјак“ одамна го пробија патот до незаборавот. Таа додаде дека нашата држава секогаш ќе биде благодарна и ќе ја негува почитта кон неговото дело и кон сето она што тој со својата енергија и полудецениската кариера го направи за промоција на културата на нашата држава и на македонската музика.
![]()
„Ако трагите што ги оставаме зад себе говорат за нашето постоење, тогаш споменот на Тоше, на неговиот глас и дело, засокогаш ќе продолжат да живеат меѓу нас“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, за време на работна посета на Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево.
Таа беше информирана за активностите на оваа национална установа, во која се изложени над 350 експонати, кои ја раскажуваат приказната за детството, подемот и врвот на кариерата на македонската музичка икона Тоше Проески. Таа се запозна и со настаните со кои беше одбележана десетгодишнината од отворањето на објектот, кој има огромна посетеност, како и со идните активности, меѓу кои и проектот планиран за 15-годишнината од заминувањето на единствениот Тоше Проески.
Во рамките на престојот во Крушево министерката за култура ја посети и Галеријата на доајенот на македонското ликовно творештво Никола Мартиноски, каде што се запозна со највредните дела од творештвото на една од најистакнатите фигури на македонската култура во 20 век. Преку етнолошката поставка, пак, се запозна и со македонскиот начин на живеење и со народното богатство на Крушевскиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

