Култура
Сите 15 финалисти на годишните награди на Друштвото на писателите за 2024 година
Конкурсот за годишните награди на ДПМ е на чекор од својата завршница. Тројцата кандидати за наградата „Мост“ (најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија) беа познати од самиот почеток, минатата недела беа обзнанети финалистите за наградата „Димитар Митрев“ за најдобра збирка критика или есеистика, а сега познати се и финалистите за наградите „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија и „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади.
Следуваат петте списоци со сите 15 финалисти:
Финалисти за наградата „Стале Попов“:
1. „Ветрилиште“ (Игор Анѓелков, „Или-или“)
2. „Кој го уби Едгар Алан По“ (Владо Јаневски, „Или-или“)
3. „Приказничар“ (Жарко Кујунџиски, „Антолог“)

Финалисти за наградата „Ацо Шопов“:
1. ,,Јазикот што само ние го разбираме“ (Зоран Јакимоски, „ПНВ Публикации“)
2. „Одглас (на нечуеното)“ (Сузана Мицева, самиздат)
3. „Посвети и пофалби“ (Иван Џепароски, „Дијалог“)

Финалисти за наградата „Ванчо Николески“:
1. „Бакнежи на небото“ (Иван Антоновски, „Светулка“)
2. „Со големо Д (прозен воспев на Другарството)“ (Александар Кујунџиски, „Антолог“)
3. „Првото жарче Љ У Б“ (Велко Неделковски, „Арс Ламина“)

Финалисти за наградата „Димитар Митрев“:
1. „Книжевни паметници“ (Наташа Аврамовска, Институт за македонска литература)
2. „Жени во македонската книжевност од XIX век“ (Славчо Ковилоски, Институт за македонска литература)
3. „Дом во тишина“ (Никола Маџиров, „Арс Ламина“)

Конкуренти за награда „Мост“:
1. „Била једном једна кућа“ („Беше еднаш една куќа“, Гордана Јовиќ Стојковска, „Слово љубве“),
2. “Vetëtimat e heshtjes” („Молњи на молкот“, Делвина Крлуку, самиздат) и
3. “Kopeja Me Zgjebe ndjek autorin” („Шугавото стадо го брка авторот“, Каљош Челику, самиздат)
Во претстојните неколку дена, членовите на петте жири-комисии, кои досега работеа самостојно, ќе се сретнат и на состанок ќе ги бираат наградените наслови за 2024 година. Добитниците на традиционалните награди на ДПМ за 2024 година ќе бидат обзнанети на прес-конференција за медиуми на 11 февруари, а доделувањето на наградите ќе се случи во свечената сала на ДПМ на седумдесет и осмиот роденден на Друштвото на писателите на Македонија, 13 февруари 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Стрип-маратон од 24 часа: регионот повторно црта без пауза, годинава во живо и од Скопје
Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот.
Томе Трајков, стрип промотер од Велес известува дека тоа може да оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/ кадешто може да се најдат и повеќе информации . Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа ( до 30 ноември во 12 ч). Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од ова година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот нешто што веќе е пракса стрип цртачите од повеќе градови на Македонија.
Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври –завршува Трајков.
Култура
Сиљановска-Давкова: Творештвото на Чемерски заслужува темелно да се истражи, документира и претстави
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими сопругата и ќерката на уметникот Глигор Чемерски, придружени од кураторот д-р Кирил Пенушлиски.
Членовите на неговото семејство изразија загриженост за состојбата во којашто се наоѓаат делата на великанот Чемерски и ја потенцираа потребата од нивна реставрација и презервација, по примерот на успешно обновениот Споменик на слободата во Кочани.
Претседателката сподели искрена желба да придонесе во заштитата на делата на Чемерски, укажувајќи дека некои од нив ја красат свечената сала и претседателскиот кабинет.
Таа го поддржува проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, којшто цели темелно да го истражи, документира и претстави неговото творештво, со фокус на мозаиците, фреските и големите композиции што го обликуваат македонскиот визуелен идентитет.
Култура
Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември
Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември во Синеплекс. Сценариото и режија се на Јани Бојаџи, продуцент: Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи.
-„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носта најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, вели Јани Бојаџи.
Според него филмот се темели на актери, на актерската игра и смета дека центар на филмот е актерот и неговата човечност.
Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.
-Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно, вели Бојаџи.
По премиерата, од 20 ноември, ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

