Култура
Сиљановска-Давкова прими претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање.
На средбата на која присуствуваа Александар Котевски, в.д. директор, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска од Националната установа Филхармонија, претседателката Сиљановска Давкова честитајќи го големиот јубилеј, истакна дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.
Претседателката оцени дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот кои содржеле дела од светски класици, но и од македонски музички великани, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.
На средбата, претставниците на Филхармонија ја запознаа Претседателката со роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. Тие информираа и за програмската политика на оваа институција која содржи нова форма на изразување збогатена жанровски и естетски за различни профили на публика, а која вклучува и едукативни симфониски концерти за најмладите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поетроника за млади: Кога поезијата пулсира во ритамот на електронската музика, вечерва во Скопје
Вечерва во 20:00 часот во Public Room, Скопје ќе се одржи „Поетроника за млади“, уникатен музичко-поетски перформанс што ја претвора поезијата во живо, звучно и современо искуство.
На сцената ќе настапат Оливер Митковски, Андреј Салпе и Радмила Петровиќ, најпрогресивната поетеса од Србија, која ја опишува „Поетроника“ како судир на интензивности, спој меѓу традицијата и електронската култура во време кога уметноста станува сè по хибридна.
„Поетроника за млади“ е дел од поширок проект чија цел е да ги доближи младите до поезијата преку современ музички израз и културна размена. Поезијата која општо, но и меѓу младите не е толку популарна, бара време и ментален напор со фокус. Преку „Поетроника“, тоа скапоцено вдахновение до некаде е загарантирано, бидејќи двајцата наши хиперталентирани перформери, заедно со гостинката од соседна Србија, имаат намера на оригинален начин да нè гоштеваат со продуховена еуфорија.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.
Влезниците се со симболична цена од 250 денари и се достапни на: https://drugastrana.mk/event/poetronika-za-mladi/
Култура
Мице Јанкуловски со самостојна изложба во Риека
Во Музејот на град Ријека – Коцкица во тек е самостојната изложба на слики и видеа од Мице Јанкуловски „Коегзистенција – црно и црно“ (23.10. – 3.11.2025).
Освен директорот на Музејот на град Ријак, Младен Урем, на отворањето присуствуваа и зедоа збор Ермина Дурај (раководител на Одборот на директори за работа на окружниот префект и на окружното собрание на Приморско-Горанскиот округ), Корнелија Конеска, куратор на изложбата, а изложбата ја отвори градоначалничката на град Ријека, Ива Ринчиќ.

Директорот на Музејот, Младен Урем, истакна дека оваа изложба е „уникатно културно искуство за жителите на Риека“, бидејќи ги комбинира традицијата и модерноста и ја претставува Македонската уметност „на глобално релевантен начин“.
Кураторот Корнелија Конеска го објасни концептот на изложбата, нагласувајќи дека авторот ги истражува бескрајните можности на црната боја преку монохроматски, минималистички и модуларен принцип, истакнувајќи: „Црната е боја на драмата – драмата на животот“!, а градоначалничката на град Ријека се обрати до зборовите:
„Му благодарам на авторот што не тера на размислување, ни отвора нови хоризонти, кои ни покажуваат дека црното не е така мрачно, туку дека може да биде и нов почеток ако се потсетиме дека ноќта е најтемна пред зората и дека она што денес изгледа темно, утре можеби нема да биде така…“

Посебно значење и шарм на настанот му даде настапот на Друштвото на Македонците во Ријека „Илинден“ кои истовремено ја започнаа традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Ријека 2025.
Култура
Убедлив театарски успех – МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија
Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, беше прогласена претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.
Со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, во образложението истакнаа дека претставата „Се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието“.

„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила.“, изјави по овој повод, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот по третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата со брилијатна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.


Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“.
Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики и културни вредности.
Со учеството и победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.

