Култура
Слепо црево на познатиот свет – нова книга од проф. д-р Стефан Влахов-Мицов

Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат книгата „Европа – слепо црево на познатиот свет“ од проф. д-р Стефан Влахов – Мицов.
На страниците од своето најново научно дело авторот прави паралела меѓу слепите црева во човечкиот биолошки и во човечкиот општествен организам.
Неговата цел е да покаже како е замислен и реализиран проектот „Слепо црево“, зошто Европа била избрана за таков експеримент и на кој начин тоа географско (во однос на останатиот свет) слепо црево, се исполнува со штетна содржина.
Ова во последните неколку векови ја зафати речиси целата цивилизација на Земјината топка.
Основата на таа штетна содржина е целосно деградираната европска психа, која создаде цивилизациски перитонитис со сè помали шанси за спас на „сапиенсот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Камерното трио „Анимато“ утревечер со јубилеен концерт „Квинтесенца“, влезот е бесплатен

По пет успешни години на музичко творештво и настапи на домашната и меѓународната сцена, Камерното трио „Анимато“ ќе го прослави својот јубилеј со свечен концерт насловен „Квинтесенца“. Настанот ќе се одржи утре, 12 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Даут Пашиниот амам во Скопје, во организација на Националната галерија.
Триото во состав Даниела Неделковска (флејта), Симона Марочковска-Манојловска (флејта) и Светлана Димитриевска (пијано), ќе ја претстави својата препознатлива уметничка енергија низ програма која вклучува дела од Доплер, Прокопиев, Илин и Шор.
Во текот на изминатите пет години, Трио Анимато се етаблираше како еден од најактивните камерни состави во Македонија, со настапи во земјата и странство, промовирајќи ја домашната музичка сцена и соработувајќи со бројни истакнати уметници и институции. Овој јубилеен концерт е заокружување на едно успешно поглавје и најавува нови проекти со уште поголема посветеност кон уметничкиот развој и културната промоција.
Влезот е бесплатен за посетителите, а љубителите на класичната музика се поканети да бидат дел од оваа музичка прослава и да уживаат во виртуозната изведба на триото кое го слави своето постоење токму таму каде што традицијата и современоста се сретнуваат – во срцето на Старата скопска чаршија.
Дополнителни информации за концертот може да се најдат на официјалните канали на Националната галерија и Трио Анимато.
Култура
Со книгата „Прличев и епската традиција“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Прличев

„Прличев и епската традиција“ е новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски, со чија промоција во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Григор Прличев.
Промоцијата на „Прличев и епската традиција“ од Митевски и чествувањето на 195-годишнината од раѓањето на вториот Хомер ќе се одржи утре, 12 мај (понеделник), со почеток во 19 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
„Книгата што е објавена годинава претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот. Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век“, велат од „Матица македонска“.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај. Покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти. Меѓу изданијата што овојпат „Матица македонска“ ги овозможи со исклучителен попуст се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Со цел книгата на македонски јазик, навистина, и натаму да е сѐ поприсутна во секој дом, попустот се однесува и на најактуелни изданија.
Култура
По изложбите во Париз и Венеција, Сашо Блажес в среда со изложба „Нурни во мене“ во Скопје

Во среда во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на охридскиот уметник Сашо Блажес со наслов „Нурни во мене“.
„После моите самостојни изложби во Париз и Венеција минатата година на покана и замисла на кустосите Гордана Велков и Маја Чанкуловска како и директорот на Музеј на Град Скопје г-дин Панче Велков си зададов задача да творам на една нова изложба, која го носи насловот ”Нурни во мене”. Куратор на изложбата е Гордана Велков а текстот е на Камило Ракана , ликовен критичатр од Париз“, вели Блажес.
Изложбата ќе биде отворена на 14 мај во 20 часот во големата сала на Музеј на Град Скопје.и ќе биде содржана од 8 дела изработени во комбинирани техники, и една скулптура, сите изработени во 2024 и 2025 година.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наочаат во неколку приватни колекции во Норвешка, Франција, Германија ,Романија и Автрија.