Култура
Софија Стојанова – автор на најдобрата беседа на конкурсот во чест на Прличев
Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа за 2026 од конкурсот што го распиша НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема: „По песната птиците се разликуваат“е Софија Стојанова. Таа е ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“во Струмица.
Нејзината беседа беше под шифра „Тивериопол“, таа го докажа авторството, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература Боркица Филева.
„Добивањето на наградата на конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание претставува поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.
Дека Софија е млад веќе изграден автор сведочат и наградите кои само во изминатите две години ги освоила на полето на литературата:
2025 – Диплома за прво место на литературниот конкурс ,,Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела, го опеал животот”- Оштина Штип
2025 -Прва награда на литературниот конкурс ,,Топли гнезда”- Општина Струмица
2025 – Диплома за прво место на конкурсот ,,Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата”- Општина Струмица
2025 – Прва награда на литературниот конкурс ,,Моето посебно другарче”- Општина Струмица
2024- Диплома за прво место на конкурсот ,,Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов”- Општина Штип
На младата Софија Стојанова автор на најдобрата беседа на шести февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид ќе и биде доделена парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Прличев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

