Култура
Со предавање на Франко Берарди – Бифо утре почнува КРИК – Фестивал за критичка култура
Со утрешното (вторник, 9 јуни 2020) предавање на светски познатиот италијански теоретичар, филозоф и активист Франко Берарди – Бифо почнува годинешново петто издание на КРИК – Фестивал на критичка култура во организација на „Контрапункт“.
Предавањето со наслов „Не можам да дишам – респираторен хаос и поезија“, ќе се одржи онлајн, од 19 до 21 часот, на фејсбук-страницата на Фестивалот.
Ова е прво од серијата предавања проследени со разговори, кои ќе се одржуваат во текот на јуни. Станува збор за познати теоретичари: Светлана Слапшак, Џули Реше, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо.
Франко Берарди – Бифо (роден на 2 ноември 1949 година) е италијански комунистички филозоф, теоретичар и активист. Тој бил клучна фигура во италијанското движење за автономија во 70-тите, кое го славеше капацитетот на работникот за социјални промени. Неговата работа главно се фокусира на улогата на медиумите и информатичката технологија во постиндустрискиот капитализам. Берарди има напишано над дваесетина публикувани книги, како и голем број есеи и говори. Моментно работи за списанието „Дериве Апрододи“ и предава социјална историја на комуникација на Accademia di belle Arti од Милано. Тој е коосновач на е-магазинот rekombinant.org, на telestreet-движењето и на каналот „Орфео ТВ“. Последните публикации: „Востанието“ (2012); „Душата на работа: од отуѓување до автономија“ (2009); и „Несигурна рапсодија: Семиокапитализам и патологии на посталфа-генерација“ (2009). Берарди живее и работи во Болоња.
Тематските рамки на КРИК, кој ќе се одржува во текот на оваа година се обединети во насловот на ова издание на Фестивалот: „Конечноста и кршливото општество – слобода, социјализам и секуларност“ https://www.facebook.com/KRIKfestival/posts/2590257044619737, кој директно произлегува од книгата што „Контрапункт“ ќе ја издаде во текот на јули, а која беше повеќекратно прогласувана за најрелевантна книга во сферата на политичката филозофија во 2019 година. Станува збор за „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“ од еден од најзначајните филозофи на нашето време, Мартин Хеглунд.
„Оваа година прославуваме пет години од постоењето на КРИК – Фестивал за критичка култура, кој е замислен како отворена платформа за развој и практикување критичка култура. Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред можеби најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура.
Во овој миг сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум. Соочени сме со конечноста на светот во неговите најкревки аспекти. А се чини не бевме спремни за вакво радикално соочување. Досега страдањата на милиони сиромашни, отфрлени, понижени, потиснати на целата планета, која буквално вреска затоа што ја рануваме катадневно поради нашето безумие и алчност, поминуваа досега речиси незабележано – арогантно ги игнориравме болката и маката на илјадниците луѓе затоа што тоа умирање секогаш се случува таму некаде, не во нашиот цивилизиран и еманципиран и добро уреден двор. Реалната и масовна закана од една болест ничкум ги преврте нашите досегашни императиви за мобилност, за општествена интеракција, за размена на вредности. Овој пат светот дистопично крикнува и вели дека е крајно време за нови прадигми, за престукрирање, превреднување и поставување радикално поинакви културни и политички насоки.
И покрај тоа што КРИК – Фестивал за критичка култура е длабоко закотвен во агората, сепак, ќе се обидеме во условите кои се зададени и понатаму да ги истражуваме заедничките формати преку кои ќе отвораме прашање и ќе се обидеме да дадеме барем некои одговори за темите што ни беа зададени за годинешното петто јубилјено изданије, а кои сѐ уште ни се чинат актуелни. Ќе се фокусираме на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување. Станува збор за области кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот“, велат програмските уредници на Фестивалот, Искра Гешоска и Артан Садику.
КРИК – Фестивал за критичка култура е платформа, која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро што е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.
КРИК има цел да застане во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е платформа преку која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротивставиме на културата на тишината промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации.
КРИК – Фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како опшествено релевантни алатки, кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.
Мотото на КРИК и понатаму останува втемелено во размислата на Ален Бадју:
„Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација е заедница на слободата, на заемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството со едра придвижени од ветриштата на креативната уметничка конфронтација и на политичката имагинација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

