Култура
Стартува осмата Недела на дизајн во Скопје
„Објективност“ е темата на осмото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week) што се отвора на 21 ноември во „Јавна соба“. До 25 ноември на најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии во регионот ќе се одвиваат шест програмски целини. Со големата изложба на земјата во фокус посебно значење се дава на Германија како велесила во дизајнот, особено во сферата на дизајн на производ. Меѓународната изложба ЕКСПО е составена од домашни производители и млади перспективни дизајнери од целиот регион кои се во потрага по производители, а присутни се и студентски изложби од две академии за дизајн.
За првпат од годинава организирана е посета на фабрики за мебел со цел да се поттикне соработка со дизајнерите од други земји и компаниите.
Годинешната тема „Објективност“ е обид да се разбие заблудата дека еден производ треба да има само атрактивна форма за да може да се изложи и продаде.
„Кога се купува еден производ, се чини дека се бира врз основа на неговата естетика, а се занемарува важноста на функционалноста, материјалите и економските чинители. Оваа година го избравме објективното над субјективното – создадовме платформа за да демонстрираме дека при бирање на еден производ одлуките треба да се засновани пред сè на логичка синтеза и дека токму тоа е суштината на дизајнот – функцијата”, велат организаторите. „Замислете да купите стол што многу ви се допаднал поради својата форма и боја, но наслонот за грб е ужасен и секојдневно ви создава болки во грбот и сл. При избор на предмети со употребна вредност примерна е функцијата, секундарна е економската исплатливост и терцијална е естетиката”. Ова е нешто што Skopje Design Week веќе осум години се бори да го вкорени во размислувањето на публиката, додаваат организаторите.
Германија, годинешната земја во фокус, ќе се претстави со 12 светски познати дизајн-студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.
„Германија е моторот на Европа во поглед на индустриски развој, производство, извоз и земја број 1 во светот во организирање меѓународни саеми и поврзување на бизниси од целиот свет. Добриот и квалитетен дизајниран мебел може да има успех само ако производителот успее да го пласира на светските пазари, а она што е најтешко за најголемиот дел од македонските производители е долгорочниот пласман на светските пазари”, велат организаторите.
Меѓународната изложба ЕКСПО (EXPO) годинава ја сочинуваат 8 компании од Македонија, 15 млади дизајнери од регионот и две академии за дизајн од Белград со прототипови од маси, столови, штендери, клуб-маси, осветлување, фотелји, радијатори, декоративни елементи и сл.
Ѕвезди на разновидната музичка програма годинава се српскиот музички продуцент и диџеј Марк Фанк, кој ќе настапи на отворањето на 21 ноември, џез-групата ЗАА (24 ноември) и хрватската диско-панк атракција „Лолобригида” (23 ноември), а во текот на Неделата на дизајнот музика ќе пуштаат и диџеите Константин, Марко Рикалоски, Еми Ермилова, Јуекс, Соул Кејс, а ќе настапи и српската пејачка Бојана Вунтуришевиќ.
Гастрономските истражувања премиерно годинава се во форма на кулинарско шоу на популарниот белгиски мастершеф Марк де Јонг, кој од 23 до 25 ноември ќе готви и дизајнира храна заедно со гостите: поетесата Марта Маркоска, актерката и активистка Ирена Ристиќ и модните менаџери од Скопскиот моден викенд. На отворената сцена тој ќе им покаже неколку кулинарски трикови со цел да им ги подобри готвачките вештини, а од нив ќе учи за поезијата, екоактивизмот и модниот стил. Публиката што ќе го следи настанот ќе ја дегустира храната на лице место.
Двете мултимедијални детски работилници, на 24 и 25 ноември, годинава се на тема „Шумски животни”. Под водство на Дора Локвенец, Марина Таневска и Тамара Димитрова, децата од 5 до 7 години ќе создаваат брошеви, бележници за книги, кутии за моливи, инспирирано од мотиви на шумски животни и со користење рециклирани материјали.
На експерименталната работилница за дизајн на производи, која е веќе во тек до 22 ноември, македонски дизајнери и архитекти заедно со осум мастер-студенти од Факултетот за продукт и моден дизајн при Универзитетот за уметност од Берлин (Univerzität Der Künste Berlin), предводени од светски познатата дизaјнерка и нивни професор Инеке Ханс, заедно со архитектката и керамичарка Анета Поповска и виртуозот за плетење трска на разбој Петар Благојевски ќе создадат нови дизајн-решенија за домаќинство и угостителство. Работилницата се реализира во керамичкото студио „Липа“ на Матка, а сите производи ќе бидат изложени на Неделата на дизајн во Скопје.
Недела на дизајнот во Скопје е дело на „Јавна соба“ – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија. Активностите ќе се реализираат во „Јавна соба“ и „Лукс’ секој ден од 10:00 до 01:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

