Култура
Тажна вест: почина актерката Соња Каранџуловска
На 77-годишна возраст почина актерката Соња Каранџуловска.
Каранџуловска дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1971 година во првата генерација дипломирани актери, во класата на проф. Илија Милчин. Во МНТ работи од 1974 до 2014 година.
На сцената на МНТ игра уште пред вработувањето. Прва улога ѝ е Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ (1973), во режија на Илија Милчин. Следуваат, меѓу другите, Ангелина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Малтескињата Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Паулина во „Череп“ (1980), Рената во „Војна и мир во Груда“ (1981), Нора во „Габи“ (1982), Анка во „Госпоѓа министерка“ (1983), Доли, пудлата во „Воена тајна“ (1984), Мараја во „Слободни врски“ (1984), Клара во „Големиот брилјантен валцер“ (1986), Марија Луиса Балванера во „Еригон“ (1999), Болничарка во „Мара/Сад“ (2008), а последна и е улогата во „Троил и Кресида“ (2010).
Особено значајна и карактеристична и е монодрамата „Клитемнестра“, во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, а чија премиера е на 9 октомври 2002 година. Истата година со оваа претстава настапува на Фестивалот на монодрама во Битола, фестивалот на монодрамата во Земун и на Барско лето, Бар, во 2003 година. „Клитемнестра“ е разултат на она што ја карактеризира Каранџуловска – желбата да се биде на сцена, огромната амбиција кон големите дела и беспрекорната работливост што ја красеше.
Покрај во театар, игра и на филм: „Новогодишен карусел“ (ТВ-филм, 1979), „Томе од бензиската пумпа“ (ТВ-филм, 1979), „Време води“ (1980), „Хај-фај“, ТВ-филм, 1987), „Пикасо“ (ТВ-филм, 1987), „Марија лета со авион“ (ТВ-филм, 1988), „Денес, утре“ (ТВ-филм, 1998) и „Година на мајмунот“ (2018). Игра и во сериите: „Македонски народни приказни“ (од 1994 до 2017), „На наш начин“, „Легенди и преданија“, „Трета доба“, „Погрешно време“, „Обични луѓе“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“, „Приказни од животот“ и „Преспав“.
Македонскиот народен театар сочувствува со болката на семејството, пријателите и на колегите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

