Култура
ТВ-серијата „Балканска приказна” со нова епизода од Битола и мариовско Маково
Ердал Озјаџилар како еден од главните протагонисти во новата турска серија „Балканска приказна”, којашто веќе подолго време се снима во Скопје, и Сердар Акар, режисер на серијата, деновиве се во посета на Битола, градот каде што пред точно 13 години се снимаше една од најуспешните серии во турска продукција „Збогум Румелија”, овој пат работејќи на новата епизода од „Балканска приказна”.
Озјаџилар, кој во „Балканска приказна” го глуми ликот на ќофтеџи Сулејман, е препознатлив во Македонија и Балканот по успешно доловената улога на млекарот Рамиз во серијата „Збогум Румелија”, снимена во периодот од 2007 до 2009 година во Битола, Охрид и мариовските села Маково, Орле и Ореово. „Збогум Румелија” е серија која на гледачите им раскажуваше приказна од периодот на 1899 година, кога Отоманската Империја ја губи својата надмоќ на Балканот. „Балканска приказна”, пак, обработува дејствие од денешно време, за две семејства од две различни националности и невозможната љубов која ќе се развие меѓу Ертан (Турчин) и Јованка (Македонка) како главни протагонисти во оваа серија.
„Дојдовме во Битола да ја снимиме новата епизода на ‘Балканска приказна’. Заедно со нашиот режисер Сердар Акар ги посетивме местата каде што работевме пред 13 години и куќата во која се снимаше ‘Збогум Румелија’. Имавме доста емотивни моменти. Во таа серија големо внимание привлече млекарот Рамиз. Овој пат во Битола дојдов како ќофтеџи Сулејман. Многу ми се допаѓа Битола и ми недостигаше. По многу години, ги посетивме Битола, Маково, места во кои навраќајќи се на старите убави денови поминати овде сфатив колку ми недостигаат и колку сум среќен што деновиве сум во Битола“, вели Ердал Озјаџилар по посетата на Битола.
Режисерот на серијата, Сердар Акар, пак, од неодамна изјави дека најубавите години од неговиот живот ги поминал токму овде, во Македонија, пред точно 13 години успешно носејќи се со режисерското столче на „Збогум Румелија” и за него е задоволство повторно да работи на голем проект во Македонија.
Како дел од актерската екипа во серијата „Збогум Румелија”, којашто за кратко време ги сруши рекордите и стана хит во Турција, се и македонските актерски имиња Сузан Акбелге и Ерман Шабан, сега играјќи ги улогите на Елена и Зафер во серијата „Балканска приказна”.
Мајсторските имиња Ердал Озјаџилар и Озлем Туркад ги делат главните улоги во серијата со Емре Беј и Мерих Озтурк, заедно со актерскиот тим составен од Хакан Бојав, Сузан Акбелге, Џан Колукиса, Сарп Бозкурт, Ѓозде Чиаџи, Дениз Ѓуркан, Емине Халил, Бурак Рахман, Сулејман Кара, Каан Тургут, Ерман Шабан, Џенап Самет и Бену Шахин. Сценариото е напишано од Угур Узунок, Нурулах Севимли, Абдулхамид Ишик и Есма Коч. Продуценти се Јалчин Ари и Угур Узунок, режијата е на Сердар Акар и Селахатин Санџакли, а линиски продуцент на серијата е Богдан Јончевски и локален партнер Сити Стар Продукција.
Серијата „Балканска приказна“ се прикажува на Турската национална телевизија ТРТ 1, а во вторник, 23 август во 20:00 часот, љубителите на оваа серија ќе може да ја проследат 9-тата епизода којашто изминатите денови се снимаше во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.
Култура
Улогите по кои ќе го паметиме Роберт Дувал
Роберт Дувал, оскаровец и еден од најкарактерните актери на американскиот филм, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана Педраса Дувал, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има јавна погребна церемонија.
Кариерата на Дувал, долга седум децении, не може да се сведе на еден наслов или еден тип улога. Иако публиката често го памети како Том Хејген, тивкиот и пресметлив адвокат на семејството Корлеоне, неговиот актерски опсег беше многу поширок.
Од раните театарски години во Њујорк, преку подемот во шеесеттите и седумдесеттите, Дувал создаваше ликови на авторитети, војници, проповедници и луѓе на работ на распад, со ист занаетчиски фокус. Оскарот за главна улога во Tender Mercies само формално потврди дека може сам да понесе филм.
Во продолжение се десет филмови по кои ќе го паметиме.
To Kill a Mockingbird (1962)
Филмската адаптација на романот на Харпер Ли е раскажана од детска перспектива, но зборува за длабок општествен судир: адвокатот Атикус Финч брани Афроамериканец обвинет за силување на бела жена на сегрегираниот американски Југ.
Улогата на Дувал е мала, но клучна. Со воздржана телесност и тивки погледи, тој создава лик кој од урбана легенда постепено станува вистинска, ранлива личност.
MAS*H (1970)
Филмот на Роберт Алтман е воена приказна што функционира како антивоен коментар, сместена во мобилна болница за време на Корејската војна.
Дувал го толкува мајорот Френк Бернс – офицер кој ја сфаќа својата позиција премногу сериозно. Наместо карикатура, Дувал го игра со целосна сериозност, а токму од контрастот со циничната околина произлегува хуморот.
The Godfather (1972)
Филмот на Френсис Форд Копола е епска студија за моќта и семејството.
Том Хејген е адвокат и стратег на семејството Корлеоне – човек кој не вика и не се заканува, но разбира системи и правила. Тој е фигура меѓу два света: правниот и криминалниот. За оваа улога доби номинација за Оскар за споредна машка улога.
Apocalypse Now (1979)
Филмот го претвора војувањето во психолошки лавиринт.
Дувал го игра потполковникот Бил Килгор – харизматичен командант кој војната ја доживува како сцена за личен стил. Неговата интерпретација покажува човек на кој насилството му станало рутина. За улогата беше номиниран за Оскар.
Tender Mercies (1983)
Тивка драма за поранешен кантри музичар кој се обидува да го обнови животот по алкохолизмот.
Дувал го игра Мек Слеџ без патетика и претерување. Со минимализам и внатрешна напнатост создава лик на човек кој се бори со минатото. За оваа улога го освои Оскарот за најдобар актер.
Days of Thunder (1990)
Приказна за млад возач кој учи дека брзината бара контрола.
Дувал е Хари Хог – искусен шеф на тим и ментор. Во филм исполнет со адреналин, неговиот лик е симбол на стабилност и практична мудрост.
The Apostle (1997)
Драма за проповедник кој по личен пад се обидува да почне одново.
Дувал го режира и го игра Џулиус Ф. „Сони“ Дјуи – харизматичен, но нестабилен човек, способен и за инспирација и за деструкција. За улогата доби номинација за Оскар.
Jack Reacher (2012)
Акционен трилер за поранешен воен истражител кој открива сложена мрежа зад наизглед едноставен случај.
Дувал се појавува како Мартин Кеш – сопственик на стрелиште со сопствен кодекс и искуство што ја продлабочува приказната.
The Judge (2014)
Судска драма што се претвора во семејна приказна.
Дувал го игра судијата Џозеф Палмер – човек кој целиот живот бил авторитет, а сега се соочува со слабоста и стареењето. Улогата му донесе уште една номинација за Оскар.
The Pale Blue Eye (2022)
Готски трилер сместен во 1830 година, во кој се истражуваат мистериозни убиства во Вест Поинт.
Дувал го толкува Жан Пепе – лик со знаење и сложена историја, чие присуство ѝ дава тежина на мистеријата. Ова беше неговата последна филмска улога.
Роберт Дувал зад себе остави редок опус: без разлика дали играше адвокат, војник, музичар или судија, секогаш внесуваше мирна сила и внатрешна прецизност што ги правеше ликовите незаборавни.

