Култура
Три претстави на петтиот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ – „Парови, „Бура“ и „Ла Макбет“

Три претстави се на програмата на петтиот ден на Меѓународниот театарски фестивал во Прилеп – „Парови“ на Драмски, „Бура“ на Прилепскот театар и независната „Ла Макбет“ на „Хибрид продукција“
На петтиот фестивалски ден следуваат три претстави. Во 19 часот во големата сала на „Марко Цепенков“ ќе игра „Парови“ на Ана Ристоска-Трпеноска, а во режија на Ивана Ангеловска. Играат: Трајанка Илиева-Велиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер.
Во 22.30 часот ќе следува изведбата на „Бура“ на театарот „Војдан Чернодрински“ во режија на Џон Блондел. Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Димитар Ѓорѓиевски, Наташа Ачански, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.
Од независната продукција во 20 часот во кафе-бар „Тротоар“, на програмата е „Ла Макбет“ во режија на Шенај Мандак, а во изведба на актерот Хакан Даци.
Покровители на 59. издание на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Второ меѓународно биенале на минијатурна уметност – графики, цртежи, сликарство- Битола 2025

Во КИЦ – офицерски Битола вчера беше отворено Второто меѓународно биенале на минијатурна уметност МБМБ Битола 2025.
Биеналето е организирано и реализирано од нејзиниот раководител Владо Ѓорески, кустос и графичар кој што воедно е и раководител на Меѓународното графичко триенале Битола.
Зстапени се околу 600 автори, со околу 800 дела од повеќе од осумдесет држави.
Според уметничкиот израз на пристигнатите дела, станува збор за една од позначајните ликовни манифестации во меѓународни размери. Второто биенале на минијатурна уметност веќе е позиционирано во релевантните ликовни случувања и е одредница за современите уметнички текови во светот.
После Битола, биеналето ќе биде презентирано во Грција, Србија, Романија а во преговори е и со Полска затоа што свое учество имаат над сто полски автори.
Настанот го отвори Драган Ристевски, галерист, кој што истакна:
-„… Очигледен е растечкиот интерес од страна на уметниците ширум светот, што потврдува дека Биеналето и Битола стекнуваат афирмација и респект, како и желба кај авторите да бидат дел од оваа меѓународна уметничка средба. Концептот на Биеналето – мал формат, е намерно избран, бидејќи им овозможува на уметниците да се изразат чисто, неоптоварено, импулсивно и слободно….“
На самото свечено отворање, постхумно беше доделана специјална награда на битолскиот ликовен уметник Ранко Струмениковски за неговиот придонес во развојот на современата ликовна уметност и графика во Македонија. Наградата ја прими Тања Струмениковска Ристевска, ќерка на уметникот како и специјална награда на Гоце Божурски за истакнати креативни изразувања особено во минијатурната уметност, реализирана и преку неговиот циклус создаден од 1000 графички дела- „Илјада и една љубовна приказна“
Во предговорот на каталогот за биеналето, кој е на 950 страници, Владо Ѓорески пишува:
„…Меѓународното Биенале на минијатурна уметност Битола, 2025, нема за цел да биде еден вид на меѓународна ликовна манифестација. Нема за цел да биде културен или културолошки национален престиж и претенциозно претставување пред светот. Нема за цел да промовира одредени нови естетски или стилски движења најчесто форсирани или измислувани од „куратори“ финансирани од „светските“ банкарските конзорциуми или медиумските магнати, кои се фабрики за измислување на новиот лажен свет и форсирање на празни, бесмислени вредности со исклучиво комерцијални амбиции и претрупувања. Нема за цел да наметнува познати и постојано секаде присутни група на автори, во време кога поштенското испраќањето на едно или повеќе графички дела изнесува во најголем број на држави повеќе од една плата на графичарот или уметникот. Нема за цел да претставува статистички бласфемии-колку држави, колку автори, кога никој незнае каде се наоѓа нивната географија ниту пак во ова равнодушно време на некој воопшто нешто тоа му претставува. Нема за цел да селектира дела, ангажираќи консилиум од восочни и роботизирани елитистички планетарни авторитети и празни „хуманоиди“.
Можеби, тоа е тивко, скриено, непознато, острово, кое на некој чуден начин успеало да се оддели од огромниот напредок на глобализмот, трансхуманизмот, и како некое фатаморганско проклетство плови низ морето на заборавените вистински слики, наспроти величенствениот огномет на фаренхајтовскиот 451, во кој повеќе не се спалуваат книгите, туку систематски и дефинитивно Човечкиот Дух.
Скриено, незабележливо, дел од некаков сон, од агонијата на Sвездата, осудена да ја скрие засекогаш во себе вистинската светлина, предсмртно поништена.
Меѓународното Биенале на минијатурна уметност Битола е цивилизациска атрофија, во која се чуваат сличиња, дневници, минијатури на нашето бледо постоење, прогонето од Потопот на цивилизацискиот огромен прогрес, во кој Императорот на вештачката интелегенција ги создава империите на лажните слики низ кои не постоиме ние, туку демонската темнина на глобалниот пекол составен од нашиот комформистички материјализам низ кој така длабоко и засекогаш потонуваме во едно безначајно, непотребно и неважно-НИШТО…“
Култура
(Фото) Магично патување од срцето на Балканот до Шпанија

Звуците од кастењетите на прекрасната уметница Луцеро Тена и на харфата од Гзавије де Местре вчеравечер создадоа вистинска магија во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“ на Шпанската вечер што се организира традиционално, секоја година на фестивалот „Охридско лето“.
Шпанската вечер на отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во Р.С.Македонија, Рафаел Сориано Ортиз кој рече дека „Охридско лето“ е настан кој не смее да се пропушти во лето зашто секоја година ги собира извонредните уметници од целиот свет.
-Фестивалот на тој начин ја исполнува својата цел да ја трансформира културата и уметноста со големо У во мост на разбирање помеѓу луѓето и нациите. Голема благодарност и честитки до сите кои го овозможуваат тоа. Шпанија и оваа година е присутна во Охрид. Во оваа прилика со големо задоволство ви ја претставувам извонредната Лусеро Тена, голема фламенко танчерка, во поголемиот дел од нејзината долга кариера. Таа сега е најголемиот виртуоз на кастењети во светот. Лусеро е придружувана од големиот уметник, Гзавије де Местре,исто така, виртуоз на својот инструмент и извонреден музиколог. Тие ќе изведат неколку дела заедно кои магично ќе не однесат од срцето на Балканот до мојата сакана Шпанија, рече амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Рафаел Сориано Ортиз.
Луцеро Тена, која италијанскиот печат ја нарече „Паганини на кастењетите“ е пионер во концептот „солист на кастењети“ и е препознатлива по нејзиниот специфичен стил на интерпретација. Во 2027 година заедно со Гзавије де Местре го издава ЦД-то „Шпанска серенада“ и го промовираат на турнеја низ светот. Во 2018 година настапува на „Холивуд Боул“ со Пласидо Доминго, на фестивалите МИТО и во Равена во Италија заедно со Гзавије де Местре и дебитира во „Филхармонијата“ во Париз. Ангажманите кои ја очекуваат се рецитали со Гзавије де Местре во Германија, Франција, Кина и Јапонија, како и на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“, настапи на шпанските летни фестивали, како и солистички настапи во шпанските театри и оперски куќи.
Гзавије де Местре е еден од водечките харфисти на денешницата и исклучително надарен и креативен музичар. Како виртуоз на харфата придонесува кон збогатување на репертоарот за овој инструмент, нарачувајќи нови дела од современите композитори, но и создавајќи транскрипции за харфа од веќе постоечкиот инструментален репертоар. Редовно настапува со водечките оркестри во светот како симфониските оркестри во Чикаго, Монтреал, Бирмингем, оркестрите на Шведското и Финското Радио, оркестрите во Лос Анџелес, Лондон, Санкт Петербург, Осло, Париз, Цирих, како и оркестрите во Кина, Сао Паоло и Салцбург, работејќи со диригенти како Сер Андре Превин, Сер Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Даниеле Гати, Филип Жордан, Бертранд де Били, Андрес Орзоко Естрада, Даниел Хардинг, Сузана Малки и др.
Двајцата големи уметници, Луцеро Тена и Гзавије де Местре на концертот на „Охридско лето“ изведоа дела од нивниот албум кој е снимен за „Сони мјузик“ и е распродаван ширум светот.
Култура
Раде Шербеџија се збогуваше со Габи Новак со емотивно видео: „Ја обожавав“

Раде Шербеџија се збогуваше со Габи Новак. Тој објави видео на Фејсбук во кое ја опиша Габи не само како голем уметник, туку и како свој долгогодишен пријател чие заминување му донесе голема тага.
„Кога Матија си замина, сите ние, нејзините блиски пријатели, се плашевме дали тоа срце ќе издржи. Не издржа. Габи Новак беше пред сè една од најбожествените пејачки. Зад тоа, по што ја паметиме – таа беше вистински пријателка на многу луѓе. Ја обожавав. Имав чест да бидам со неа и со целото фантастично семејство толку многу години. Таа беше исто така некако тивка, скромна, мудра“, рече тој.
„Не знам што друго да кажам освен тоа, освен огромна тага и жал што си замина. И покрај тоа, остана нешто што сите ќе го паметиме. Освен што не беше сама. Тоа беа Габи и Арсен и Арсен и Габи, двајцата што нè шармираа сите со својата харизма“, додаде тој.
Габи Новак почина на 11 август 2025 година на 90-годишна возраст. Нејзината кариера траеше речиси шест децении, а вклучуваше поп, шансона, џез, преработки и соработки со бројни музичари. Особено е значајна нејзината уметничка и животна врска со Арсен Дедиќ, со кого создаде уникатен музички опус исполнет со поезија, емоции и препознатлив звук.
Меѓу нејзините најпознати интерпретации се „Се сеќавам само на среќни денови“, „Вино и гитари“, „Долга, долга ноќ е“ и „Дозволете ми да спијам“. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои и „Порина“ за нејзиниот посебен придонес во хрватската музика.